Бидете несериозни!

47

patiki

Фото: Pixabay

Минатата година бев на една обука за менаџерски вештини, која ја водеше еден интернационален говорник. Семинарот, генерално се однесуваше на тоа како да се извлечеме од матрицата во работењето која е наше секојдневие и што може да направиме за да не ни се повторуваат постојано истите проблеми. Имаше многу интересни работи и перспективи на гледање на некои ситуации, кои предавачот ги сподели, но една, нè остави голем број од присутните збунети. На крајот, презентирајќи го последниот модул и правејќи го заклучокот на денот, тој ни се обрати на сите со реченицата “Форсирајте се да не ги сфаќате работите сериозно, т.е бидете несериозни и така ќе имате поголем успех”.

Нормално, ми беше малку чудна неговата изјава, но откако ќе размислите поубаво има голема вистина. Овде тој повеќе мислеше да не бидеме толку сериозни околу работите што ни се случуваат на работа (а и приватно). Да не им даваме толкаво значење. Да имаме повеќе позитивен пристап. Што се случило, се случило. Не може да го промениме. Она што ќе се случи не може да го знаеме, сè додека не се случи. Највеќе што може да направиме во моментот е да ги сработиме работите и активностите најдобро што знаеме и умееме. Да научиме од нашите минати искуства и да се потрудиме да не ги правиме истите грешки повторно.

Многу е важно да ги гледаме работите позитивно. Умешноста е, да научиме како негативните работи да ги гледаме позитивно (да имаме став – да научиме барем нешто).

Ако работите не ги сфаќаме толку сериозно:

  • Помалку ќе се нервираме
  • Помалку ќе паничиме
  • Пофокусирано ќе ги извршиме задачите
  • Повеќе ќе се одвоиме од нив (и тежина што ја носат)
  • Позитивно ќе влијаеме на атмосферата
  • Повеќе ќе мислиме (когнитивна вежба)

Основна причина зошто ние ги сфаќаме работите сериозно е кога немаме знаење за нив. Ако ни се познати добро работите што ги правиме, тогаш нема толку сериозно да ги сфаќаме и ќе бидеме повеќе позитивни.

“Лекот за несфаќање на работите сериозно е знаењето (тренинг)”.

Џорџ Асланис (мотивациски говорник)

Бидете несериозни – Бидете позитивни – Бидете поуспешни

Со успех во промените.