Три нови индустриски зони ќе се градат кај Демир Капија

47

kapijaВо Демир Капија ќе никнат уште три индустриски зони, кои треба да придонесат за унапредување на локалниот економски развој во општината. Градоначалникот Трајче Димитриев соопшти дека веќе се работи врз нивните урбанистички планови.

Две од нив ќе бидат лоцирани во катастарските општини Дрен и Корешница и ќе имаат површина од по 50 хектари. Третата, наменета за лесна и незагадувачка индустрија, ќе биде во катастарската општина Прждево и ќе се простира на површина од 10 хектари.

“Таму се очекува да никнат нови стопански капацитети кои ќе отворат и нови работни места. За инвеститорите ќе има ослободување од надоместок за уредување на градежно земјиште”, рече Димитриев.

Градоначалникот потенцираше и дека покрај веќе постоечките, новите индустриски зони ќе овозможат нови инвестиции во општината.