Тетовската компанија Везе Шари ја комплетираше првата фаза од инвестицијата за целосна сеидба на земјоделското земјиште во селото Славеј, прилепско, со површина од 560 хектари, што го доби под концесија.
Досегашниот капацитет на фабриката од 100.000 јајца на ден, пет тона производство на месни производи под брендот Лекер, еден мегават производство на електрична енергија од компанијата – ќерка Електро Шари, во иднина ќе се зголеми преку изградбата на овој земјоделски комплекс, инвестиција од вкупно 3 милиони евра, која ќе обезбеди 70 нови работни места.
Главната цел на ова инвестиција е за компаниите Везе Шари, Лекер и Електро Шари, првенствено, да се обезбеди суровина за производство и проширување на постоечките капацитети, истакнуваат од раководството на компанијата Везе Шари. Проектот предвидува изградба на сушарница со силоси за пченица и пченка, откупен центар за земјоделците од регионот, фарма за крави и телиња, како и изградба на кланица според соодветните ХАЛАЛ стандарди, со што ќе се зголемат производните капацитети на компанијата за обработка на месни производи Лекер.
Пченицата и пченката насадени на ова земјоделска површина ќе бидат искористени за хранење на 120.000 кокошки на Везе Шари, додека сламата што останува ќе се искористи за производство на електрична енергија за Електро Шари, намалувајќи го на овој начин увозот на храна за животни.
„Оваа инвестиција многу нè радува бидејќи е во насока на подобрување на показателите на компанијата. Досега бевме зависни од увозот на овие суровини“, велат од Везе Шари.
Досега, во трите компании се вработени вкупно 118 вработени, додека со новата инвестиција ќе бидат вклучени дополнително 70 нови лица.
“Секако, овие инвестиции доаѓаат како резултат на изразената поддршка од страна на Владата, која секогаш имала слух за нашите проекти, во насока на развој на бизнисот во потесни рамки и економскиот развој на земјата воопшто”, вели Арбен Абдурамани, првиот човек на компанијата Везе Шари и носител на инвестицијата.