Масуд Хасани, претприемач и дизајнер со авганистанско потекло, пред неколку години ја создаде Mine Kafon – направа што се движи низ мински полиња и ги пронаоѓа мините, пишува Gizmag. За сето тоа да биде побрзо и поефикасно тој сега дизајнира дрон којшто ќе има слична функција, наречен Mine Kafon Drone.
Прототипот личи на мултикоптер којшто може да се опреми со различни алатки, а дизајниран е да бара и уништува мини во три чекори. Дронот опремен со камера лета над минско поле, правејќи шема за да создаде 3D мапа на реонот. Потоа, повторно се враќа назад со детектор на метал којшто виси под него. На висина од само четири сантиметри над земјата направата лоцира каде се закопани мините и нивната локација се забележува на мапата во форма на GPS патни точки.
На крај, со специјален држач дронот се враќа кај минското поле, става експлозив на мините и истите потоа се детонираат од далечина. Хасани работи на тоа целиот систем да функционира автономно и според него финалниот производ се очекува да биде 20 пати побрз и многу поевтин од традиционалните методи што досега за користат за детектирање на мини.
Но, она што е најголема придобивка е секако безбедноста. Дронот ќе ја минимизира улогата на луѓето и животните во овој процес. Моментално Хасани има своја кампања на глобалната платформа за групно финансирање Kickstarter, каде досега има собрано над 14.000 евра.