Т-Мобиле мрежата со четири пати поголем капацитет за разговори и СМС

40

Од 1 октомври, сите T-Mobile корисници ќе бидат префрлени на нови MSC Blade Cluster сервери, што значи дека капацитетот на мрежата за разговори и СМС ќе се зголеми до четири пати. Проектот започна во јули годинава и за рекордно време од два месеци целата база на T-Mobile корисници од старите беше префрлена на новите сервери.

Овој проект е чекор понапред до целосна модернизација на мрежата и е во склоп со модернизацијата на фиксната мрежа, проект со кој до крајот на 2013 година сите фиксни корисници треба да мигрираат на услуги целосно базирани на интернет.

По завршувањето на овој проект, T-Mobile и T-Home корисниците ќе имаат пристап до конвергирани услуги на мобилна и фиксна телефонија и интернет од најновата технологија.

Со миграцијата на новите сервери T-Mobile ќе биде еден од малкуте оператори во светски рамки што  ја имаат оваа напредна технологија.

„Кога ја имате најголемата база на корисници, имате и голема обврска да им го овозможите најдоброто, а со оглед на зголемениот сообраќај првата наша задача беше да го зголемиме капацитетот на мрежата. Со новата технологија, за рекордно време добивме 4 пати поголем капацитет за разговори и СМС, но и основа за услуги од новата генерација. Веќе не е доволно добро да ја имаме најдобрата мрежа во Македонија – со овој проект одиме понатаму во чекор со  операторите во светски рамки“, изјави Жарко Луковски, главен извршен директор на T-Mobile Македонија.