Вкупно 14 компании од Македонија добитници на Европските бизнис награди

50

rsm

Четиринаесет компании од Македонија се прогласени за национални шампиони на Европските бизнис награди од лидери во бизнисот, академици и политички претставници од Европа, јавува Миа.

На листата на национални шампиони од државава се: Стопанска банка Скопје, Аспект, Брансис, Дигитал центар Скопје, Динерс Клуб Македонија, Камчев Консалтинг Скопје, Мелон Солушнс, НЛБ Банка, П.И.К.Ко, Раде Кончар -Трансформатори и електрични постројки – ТЕП, Скрин Медиа, Универзитет Југоисточна Европа, ТТК Банка АД Скопје, Везе Шари.

Целта на наградите, како што се наведува, е да го поддржи развојот на посилна и поуспешна бизнис заедница ширум Европа. Наградите се спонзорирани од РСМ, шестата најголема мрежа на независни компании од областа на  ревизија, даночно советување и консалтинг во светот. Годинава учествуваа 33.000 компании од 34 европски држави, а националните шампиони се избрани по првиот круг на оценување.

“Воодушевени сме од тоа што 14 компании од Република Македонија се признаени за нивниот успех. Тие навистина ги претставуваат квалитетот и иновациите кои  нашата бизнис заедница може да ги понуди“, изјави Стојан Јорданов, управител на РСМ Македонија.

Адриан Трип, извршен директор на Европските бизнис награди упати честитки до сите бизниси избрани да ги претставуваат  своите земји како национални шампиони.

“Тие се клучни за успехот на  силната европска бизнис заедница и ги прикажуваат основните принципи  кои ги бараме, иновација, етика и успех“, изјави Трип.

Во следниот круг од натпреварувањето националните шампиони треба да направат видео презентација, да ја прикажат својата уникатна приказна и да го објаснат својот деловен успех. Независните судии од Европските бизнис награди ќе им доделат на најдобрите од оваа група  статус Ruban d’Honneur и избраните компании потоа ќе бидат дел од Церемонијата на доделување и Гала настанот во 2017 година.

Независно, при јавно гласање во две фази, видео презентациите ќе бидат објавени на веб страницата на Европските бизнис награди и компанијата  што ќе добие најмногу гласови во својата земја ќе стане Национален јавен шампион.

Минатата година беа доделени над 227.000 гласови бидејќи компаниите имаа глобална поддршка од своите клиенти, вработени и врсници како и јавноста. Во натпреварувањето лани беа претставени сите пазари на земјите членки на Европската унија, Турција, Норвешка, Швајцарија и Република Македонија. Нивните вкупни приходи надминуваат 1,2 милијарди евра и вработуваат повеќе од 2,5 милиони луѓе.