Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca – Cola HBC групацијата, трета година по ред е рангирана на прво место во светот според остварените резултати и заложбите за одржливост и заштита на животната средина, стои во соопштението.
Во престижното глобално рангирање, што го прави Дау Џонс индекси за одржливост (The Dow Jones Sustainability Indices – DJSI), групацијата Coca – Cola HBC освои 90 поени, три повеќе од минатогодишното рангирање и дури 40 поени повеќе од просекот во светската индустрија за пијалаци.
Со ова, Пивара Скопје и останатите компании во состав на Coca – Cola HBC, трета година по ред го потврдуваат статусот на глобални лидери според резултатите во заложбите за одржливост, што досега не ѝ успеало на ниту една друга компанија во светската индустрија за пијалаци.
“Среќни сме и особено горди на ова престижно признание со кое дефинитивно се потврдуваат нашите континуирани заложби, остварените резултати и нашето лидерство во заштитата на природните ресурси и животната средина во земјата, но и во глобални рамки. Дополнително, да се биде препознаен како лидер во областа на одржливиот развој во целата светска индустрија на пијалаци, значи дека заслужено се наоѓаме во тоа друштво“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.
Преку реализација на конкретни проекти и заложби што се дел од компаниската кулутура и секојдневното работење, Пивара Скопје значително придонесе во достигнувањето на високите таргети за одржливост и остварувањата на Coca – Cola HBC во областа на одржливиот развој. Меѓу најзначајните во оваа група се инвестициите од над 5,8 милиони евра во инсталации со кои се овозможи заштеда од 1,1 милиони метри кубни вода, вложувањата од 4,3 милиони евра во неколку проекти за енергетска ефикасност, како и активностите со кои се овозможи директна и индиректна редукција на јаглеродните емисии во атмосферата за 7,8% годишно. Ваквите високи резултати на Пивара Скопје, како што се наведува, се постигнати преку реализација на неколку проекти, како што се: оптимизација на користењето на топлинската енергија во производството на ПЕТ амбалажа, унапредување на системите за загревање во процесот на производство со подобрување на ефикасноста на задржување на топлината, користење соларна енергија за загревање на техничката и санитарната вода, независен автоматски регулиран систем за загревање на работните простории, употреба на енергетски ефикасни светилки во целата компанија, како и системи за рециклирање на водата која се користи во процесот на производство.
Пивара Скопје е најголем производител на пиво и безалкохолни пијалаци во земјава и претставува заедничко вложување на Coca – Cola HBC и Heineken. Во сегментот на безалкохолни пијалаци, Пивара Скопје, заедно со останатите компании во Coca – Cola HBC групацијата, учествува во производството на повеќе од две милијарди единечни пакувања годишно, со што се потврдува статусот водечки производител на најпопуларните безалкохолни пијалаци на светот. Покрај Пивара Скопје, во составот на Coca – Cola HBC се наоѓаат компании од вкупно 28 земји, кои произведуваат брендови од портфолиото на Coca – Cola за пазар од вкупно 589 милиони потрошувачи.