Тим од научници од универзитетот во Северна Каролина, предводени од професорот Дариош Вашае, смислија начин како телесната топлина да ја претворат во електрична енергија, пишува Ecouterre. Иако веќе со години се работи на слични технологии, според нив, новиот прототип е многу лесен, се прилагодува на телото и генерира многу повеќе енергија од претходниците.
“Термоелектричните генератори, што се погодни за носење во облека, генерираат електрична енергија со тоа што ја користат температурната разлика помеѓу вашето тело и надворешниот воздух”, вели Вашае, а новата верзија генерира до 20 микровати на сантиметар квадратен (µW/cm²).
Дизајнот вклучува слој на термички пренослив материјал којшто лежи на кожата и слој од полимер што ја складира топлината на телото. Термоелектричен генератор ја претвора топлината во електрична енергија, а онаа топлина што не е претворена, испарува. Целиот систем е дебел само два милиметра, што го прави погоден за вградување во облека, како на пример маички со кратки ракави. За собирање на најмногу топлина, а со тоа и енергија, Вашае препорачува уредот да се носи на горниот дел од раката. Со текот на времето оваа технологија ќе се усовршува, што ќе резултира со уред којшто ќе ја надгледува работата на срцето на корисникот и ќе реагира на фактори што би можеле да предизвикаат астма.
Како што вели професорот, тимот сака да изработува апарати на коишто не им требаат батерии, а овој дизајн е чекор поблиску до остварување на таа цел.