По последните информации од Република Србија поврзани со најавата за зголемување на максимално дозволеното ниво на афлатоксинот М1 во млекото од 0,05 на 0,5 микрограми на килограм, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија одлучи кај нас да остане максимално дозволеното ниво од 0,05 микрограми на килограм.
“Македонското законодавство во делот на безбедноста на храната, во целост е хармонизирано со европското, кое важи за едно од најригорозните кога е безбедноста на храната во прашање, бидејќи само на тој начин можеме да гарантираме и обезбедиме соодветна заштита на македонските потрошувачи”, појаснуваат од АХВ.
Македонија нема да го забрани увозот на млеко и млечни производи од Република Србија и покрај евентуалната промена во подзаконските акти со кои се зголемуваат максимално дозволените концентрации на афлатоксинот М1 во млекото. Меѓутоа, при увозот на млеко и млечни производи ќе се применува македонското законодавство, односно во Република Македонија ќе може да се увезуваат само млеко и млечни производи кои ги исполнуваат условите од важечкиот правилник, односно ќе мора да го исполнуваат условот за максимално дозволена концентрација на афлатоксин М1 до 0,05 микрограми на килограм.
Во врска со најавите за формирање на заедничка, регионална лабораторија, Агенцијата за храна и ветеринарство цени дека засега нема потреба од вршење на лабораториски анализи на домашното млеко во заедничка лабораторија, односно дека ваквиот предлог би бил прифатлив единствено во случаите кога за одреден производ ќе биде побарано вршење на суперанализа. Република Македонија има соодветни акредитирани лабораториски капацитети и квалификуван, стручен кадар за вршење на соодветните анализи во делот на присуството на афлатоксини.