Што е АПЕК и зошто светските лидери се собираат во Шенжен?

Светските лидери, од шефови на држави до извршни директори и креатори на политики, се собираат оваа недела во Шенжен на годишниот самит на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

Што е АПЕК?
APEC (Asia-Pacific Economic Cooperation – Азиско-пацифичка економска соработка) е еден од најважните светски економски и политички форуми, со цел поттикнување на слободната трговија, инвестициите и економскиот раст во регионот на Азија и Пацификот.Тоа е блок од 21 членка  меѓу кои се економски сили како што се Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија, Русија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја. Според податоците од Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, АПЕК учествува со 61 процент од вкупниот светски БДП и 47 проценти од глобалната трговија, објавува CNN.

Домаќин е Кина, со фокус на трговијата и безбедноста
Членовите наизменично го организираат годишниот самит, каде што претставниците дискутираат за трговијата, индустријата и регионалната безбедност и тензии. Домаќин оваа година е Кина, а состанокот се одржува во Шенжен, технолошки и производствен центар на југот од земјата, веднаш до границата со Хонг Конг.

Иако програмата вклучува неколку настани, состанокот на економските лидери што се одржува денес и утре привлекува најголемо внимание. Се очекува дека на маргините на самитот, шефовите на државите ќе се сретнат и ќе одржат важни билатерални разговори.

Претходни самити и односи на моќ
Претходните состаноци на АПЕК беа место на значајни настани. Така, во 2018 година, во екот на растечките тензии меѓу САД и Кина, американските и кинеските лидери одржаа остри говори. Потоа, за прв пат во своето 25-годишно постоење, блокот не успеа да се договори за заедничка изјава. Минатата година, Трамп го пропушти самитот на АПЕК, но кратко време претходно се сретна со Си. Потоа двајцата постигнаа трговски договор по месеци судири околу царините.