На 20 и 21 октомври во Скопје ќе се одржи петтиот Македонија2025 Самит. Самитот е широка платформа за споделување на знаење за бизнис, инвестиции, напредни технологии, иновации и лидерство. Поконкретно, оваа година самитот ќе ги обележи насоките на одржлив економски развој преку меѓународни инвестиции во обновливи ресурси и развој на „паметни“ и „зелени“ сектори. Организаторот и оваа година носи повеќе од 35 говорници од светско реноме кои доаѓаат од преку 20-тина различни земји.
Главниот говорник Гуру Банавар од Вотсон центарот за истражување на вештачка интелигенција на компанијата ИБМ во Њујорк, ќе презентира како технологијата може да ги реши најголемите проблеми со кои се соочува светот како предизвиците кон исхраната, здравјето и животната средина. На самитот ќе зборуваат Карина Барнхолд Клепер од Нордискиот центар за обновливи енергии, Петар Казначеев од Центарот за ресурсни економии при Претседателската академија во Москва, професорот Шуичи Фукуда од универзитетот Кеио во Токио, Марко Буткович од Европската вселенска агенција, Здравко Почивалшек, Министер за економски развој на Словенија, Михаил Мизрахи, директор на центарот за иновации во Ерусалим, како и други извонредни умови. Ќе се дискутира за најактуелните теми поврзани со паметни градови, био-гас и био дизел, соларна енергија, tele-health, интелигенција меѓу машини, електрични возила, еколошки домови, емоционален инженеринг, енергенси и природни ресурси, иновации во телекомуникациите, циркуларна економија, итн.
Самитот ќе ја позиционира Македонија како земја со потенцијал да биде центар за паметни технологии и истражувања. За таа цел се поканети светски компании кои веќе отвориле претставништва за аутсорсинг во Македонија во области како софтвер за здравство, берзански трансакции, напредни ИТ истражувања и сл. Настанот ќе биде одлична можност за запознавање помеѓу експерти и членови на деловните заедници на земјите од регионот. Македонија2025 на овој начин ја исполнува својата визија за економско интегрирање на Македонија со остатокот од регионот во насока на подинамичен економски развој. Од организацијата ги покануваат сите заинтересирани компании и претприемачи да ја разгледаат програмата и бидат дел од еден процес за напредок што не може да се оствари без целокупна инволвираност на успешни и иновативни луѓе и компании.
Сите што се заинтересирани за учество на самитот можат да се информираат на страната на Македонија2025 или да се регистрираат на http://mk2025summit.com/selection/. Од организацијата нудат поволности за микро и мали претпријатија, како и за учество на повеќе претставници од иста компанија.