Органски се само оние домашни производи со посебна национална ознака

472

organski-proizvod

Само оние домашни производи кои на себе ја имаат националната ознака – сонце околу кое вирее фиданка, се органски. Потрошувачите тоа треба да го знаат за да прават разлика и за да бидат сигурни во она што го купуваат, беше речено вчера во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на промоцијата на новата веб страница www.organskisvet.mk, јавува Миа.

“Не сите производи што се продаваат како органски, се навистина такви. За да бидат сигурни дека купуваат домашни органски производи и за да не бидат изманипулирани, потрошувачите треба да ја препознаваат националната ознака – сонце околу кое вирее фиданка. Ознаката гарантира дека производите се органски, дека ги исполнуваат сите стандарди и дека зад нив стојат многу контроли“, рече Оливера Бичиклиски од Секторот за органска храна во МЗШВ.

Според претседателот на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) Маријана Лончар Велкова, постојат многу заблуди околу органската храна и нејзиното означување. Затоа е неопходна едукација и добро информирање.

“За домашните органски производи законски е забранета употребата на термините еко, био, еколошки и на сите префикси, суфикси, кратенки или нивни комбинации изведени од терминот органско, коишто може да го доведат во заблуда купувачот. Само органските производи кои се увезени може да бидат декларирани како еколошки, биолошки,…, согласно усвоениот термин во земјата од која доаѓаат“, нагласи Лончар Велкова.

Интересот за органските производи во земјава се зголемува. Најмногу органски се произведуваат житни култури, а најмалку градинарски.

“Во земјава моментно има околу 350 органски производители. Цената на органското производство не отстапува многу во однос на конвенционалното. Свежиот органски компир, на пример, е само пет денари поскап од конвенционалниот. Сепак, некои производители ги продаваат органските производи како конвенционални зашто стравуваат дека поради нешто повисоката цена, не ќе може да ги пласираат“, истакна Бичиклиски.

Таа смета дека нашите производители на органска храна треба да се здружат зашто само така ќе обезбедат доволна количина на пазарот.

На веб страницата www.organskisvet.mk, што ја изготви ОПМ со поддршка на МЗШВ, може да се прочита што е органска храна, како да се препознае и каде може да се купи. Страницата содржи и многу други информации од областа на органското производство, неговите предности, состојбата во Европа и во светски рамки…

Страницата е промовирана во рамки на глобалната кампања Зелена недела што се одбележува од трети до деветти октомври. Кампањата ја спроведуваат 43 организации во 31 земја.