ДЗС: Прометот на компаниите во 2015 година зголемен за 5,2%

32

pari vo kolicka

Прометот на компаниите во 2015 година, во однос на претходната година, е зголемен за 5,2%, додека додадената вредност за 6,8%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во рамки на структурните деловни статистики е направена анализа на 54.431 деловен субјект, во коишто се вработени 368.067 вработен. Во овие компании е остварен промет од 1.064.976.000.000 денари и е создадена вредност од 227.704.000.000 денари.

Во просек, новосоздадената вредност по вработен во 2015 година изнесува 618.000 денари, додека најголема додадена вредност по вработен е создадена во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (2.027.000 денари).

Најголем број од претпријатијата припаѓаат на секторот Трговија на големо и на мало (41,8%), со 25,5% од вкупниот број на вработени и реализирани 42,4% од вкупниот промет. Како втор по значење, секторот Преработувачка индустрија учествува со 13,5% од претпријатијата, 30,3% од вработените и 26,1% од вкупниот промет.

Во вкупната додадена вредност, пресметана според факторот на трошок, најголемо учество имаат претпријатијата од секторот Преработувачка индустрија (25,9%) и секторот Трговија на големо и на мало (23,5%).

Во однос на големината, во 2015 година преовладуваат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (90,5%). Со ангажирани 32,5% од вкупно вработените, тие имаат создадено 22% од вкупната додадена вредност. Од друга страна, во големите претпријатија (0,3%) се ангажирани 25,8% од вкупниот број на вработени, со остварени 35,3% од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор.