Производите на Витаминка се најдоа во центарот на вниманието на најголемиот светски саем за храна СИАЛ Париз 2016. Компанијата се претстави со голем број од своите производни програми, а преку непосредни контакти и дополнителни активности побуди интерес и кај посетителите и кај самите изложувачи. Тимот на Витаминка, присутен на саемот е задоволен од претставувањето и реакциите на посетителите.
„СИАЛ Париз е веројатно најголемиот и најпосетуван саем за храна и место за отворање на многу потенцијални пазари. Со 7.000 изложувачи од 104 земји и уште илјадници посетители, бенефитите од тукашното присуство се бројни. Создавате визуелен идентитет на своите производи, го претставувате самиот производ и квалитетот и преку дополнителните активности, што овие манифестации ги нудат, ја пренесувате и сопствената приказна. Искуството е навистина корисно, воспоставивме иницијални контакти, го проценивме и измеривме приемот од потрошувачите и добивме информации што многу ќе ни користат во понатамошната стратегија“, изјави Љупчо Велески, директор на сектор Извоз во Витаминка.
Присуството на саеми е клучниот чекор во развојната стратегија на Витаминка, која што е редовно застапена на саемските манифестации низ целиот свет. Токму ваквиот пристап, воспоставувајќи директен контакт со дистрибутери, ланци на маркети, но исто така и со самите потрошувачи, придонесе производите и брендовите на Витаминка да бидат присутни во над 30 земји во светот.