Сопственикот на Тесла, Елон Маск, во Лос Анџелес ги претстави новите стаклени плочи со интегрирани соларни ќелии коишто практично не се разликуваат од обичните покриви и новата Powerwall 2 батерија.
Наместо на постоечките покриви да се ставаат дополнителни соларни панели, во иднина тие ќе бидат покриени со нови соларни плочи, кои гледани од долу се невидливи. Оваа нова технологија е резултат на соработката меѓу Тесла и SolarCity, а може да се кобинира и со Powerwall 2 батеријата. Соларните плочи, освен функцијата за создавање и складирање на енергија, може да имаат и вградени грејачи за топење на снегот од покривот.
Плочите ќе бидат достапни во четири верзии со цел купувачите да можат да изберат кој дизајн најмногу им одговара за нивниот дом. Цената сè уште не е позната, но Маск, кој промовира живот без употреба на фосилни горива, изјави дека новите панели ќе бидат поевтина варијанта од поставување на конвенционален покрив и дополнително поставување на стар тип соларни панели.