Едицијата Бајки од Македонија преведена на англиски јазик ќе го освојува светскиот пазар

58

foto_bajki-od-makedonija-na-anglski-jazik

По големиот успех на домашниот пазар, едицијата Бајки од Македонија станува достапна и за светската читателска публика, овој пат во превод на англиски јазик. Преводот на англиски јазик следеше откако едицијата за кратко време стана едно од омилените четива за најмладите во Македонија, а првичниот тираж скоро се распродаде за само неколку месеци.

Англискиот превод на едицијата Бајки од Македонија беше претставен и на еден од најголемите светски саеми на книгата, саемот во Франкфурт, пред издавачи од целиот свет. Бројни издавачи од балканските земји, Средна Европа, Исланд и Азија – Малезија, Тајланд, Кина, Јапонија, Кореа и од Тајван веќе пројавија интерес за пласман и промоција на Бајки од Македонија во своите земји.

Едицијата Бајки од Македонија е составена од четири бајки од македонското народно творештво – Вејко Северко, Двата цара, Момчето што се скри во златното јаболко и Девојчето и 12-те месеци. Креативните решенија и илустрациите за четирите приказни ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, која беше избрана на јавен конкурс. Проектот Бајки од Македонија е реализиран од  Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине во соработка со издавачката куќа Арс Ламина, која беше учесник на саемот на книгата во Франкфурт.

“Наша мисија е традиционалните вредности да ги преточиме во нов модерен производ и да дадеме можност за современ креативен израз. Токму тоа го постигнавме со едицијата Бајки од Македонија, бидејки автентичното народно творештво успеавме да го претставиме на нов модерен начин прифатлив за современата читателска публика. Тоа што првичниот тираж на оваа едиција е скоро распродаден и фактот дека Бајки од Македонија беа претставени на англиски јазик на еден светски саем, каков што е фракфуртскиот, е потврда дека нашата мисија е прифатена од јавноста и дека е конкурентна во меѓународни рамки. Токму затоа, продолжуваме со нови проекти и во следниот период, што ќе биде можност и за многу млади креативци кои ќе добијат шанса да се докажат“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине.

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.100 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.

“Саемот во Франкфурт е еден од најважните случувања во издавачката дејност во светот. Тука се прави најголема промоција и се претставуваат нови автори и трендови во издаваштвото. Презентирањето на едицијата Бајки од Македонија на англиски јазик е навистина од огромно значење за нас, но истворемено е значајно и за македонската култура, бидејќи ова е еден од ретките преводи на македонско народно творештво. Искрено се надеваме дека одлично ќе бидат прифатени од светската читателска публика“, истакна Бранка Бугариска, директор на издаваштво во Арс Ламина.

Едицијата Бајки од Македонија претставува модернизиран и адаптиран приказ на приказни од македонсото народно творештво собрани од Марко Цепенков и Танас Вражиновски. Во изборот на бајките учествуваше и Институтот за фолклор Марко Цепенков при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.