Старт-ап компании од Македонија, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина имаа можност да бидат дел од европската старт-ап тура, што во октомври го посети Берлин, а овој месец ќе го посети Лондон. Турата ја организираа ЦЕЕД Глобал и РЕГ проектот на УСАИД.
Целта на организирањето на оваа тура е со посета на најраздвижените старт-ап градови во Европа, претприемачите да добијат претстава за развојот на европскиот екосистем и како се успева на овие пазари. Преку посета на акцелератори, коворкинг простори, фондови, основачи на успешни стартапи и инвеститори, учесниците во турата слушаа и ќе слушаат за тоа како најдобро да ги искористат ресурсите со кои располагаат, за развој на производите/услугите, проширување на тимот, како се остварува раст.
Една од неколкуте попатни станици во Берлин беше Rocketinternet, venture capital фонд кој инвестира во различни профили на интернет компании, од е-комерц до испорачување на урбани услуги. Rocket има канцеларии во Берлин, Лондон, Париз, Сингапур и Дубаи, а во мрежата активна во 110 земји има повеќе од 36.000 вработени.
Axel Springer Plug and Play акцелераторот им овозможува на стартапите место за работа, пристап до глобална мрежа, 100-дневна акцелераторска програма и фонд од 25.000 евра.
Стартапот N26 Bank работи во секторот онлајн банкарство и е прва онлајн банка во Европа преку која корисниците целосно можат да оперираат со својата сметка преку мобилен уред. Откако добија банкарска лиценца, успеаја да соберат преку 53 милиони долари од инвеститори.
Следна станица – Лондон.
ЦЕЕД (www.ceed-global.org) гради заедници на претприемачи и го поддржува бизнисот преку обезбедување на пристап до ментори, мрежи на контакти, знаење и капитал потребни за раст. ЦЕЕД има преку 30.000 компании во глобалната мрежа и канцеларии во Македонија, Бугарија, Србија, Словенија, Косово, Албанија, Мароко, Тунис, Романија, Ерменија, Молдавија и Бангладеш, како и проекти во уште 10 други земји.