Енергетската ефикасност и одржливиот развој често го задржуваат вниманието на модерниот човек и го поттикнуваат да бара решенија за бројните предизвици кои ги наложува модерното живеење.
Токму студентите и стручните лица, на Четвртата студентска конференција Енергетската ефикасност и одржливиот развој, која ќе се одржи од 24 до 26 ноември 2016 година во Скопје, ќе понудат одговори на актуелни теми поврзани со енергетиката и одржливиот развој.
„Професори и студенти од техничките факултети, од земјава и од странство, ќе ги презентираат своите најнови истражувања и ќе понудат решенија за актуелни проблеми. Со конференцијата, на студентите ќе им се овозможи да истражуваат во одредени области од енергетската ефикасност и одржливиот развој, да ги продлабочат своите знаења, да разменат искуство и знаење со професорите, експерите и со претставниците на компаниите и да остварат контакти за напредок во научната кариера и личниот развој“, објаснува Андреј Станковски, организатор на СКЕЕОР.
Конференцијата ја организира Здружението за истражување и промоција на енергетска ефиканост и одржлив развој – СКЕЕОР Скопје, здружение создадено од студенти, кое се залага за промоција и поттикнување на свеста за проблемите и решенијата поврзани сo енергетската ефикасност и одрживиот развој. Настанот ќе се одржи под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии со поддршка на МАКО-СИГРЕ и македонската секција на IEEE.
„Минатата година на СКЕЕОР беа објавени околу 40 трудови и конференцијата доби меѓународен карактер со учество на повеќе студенти и професори од реномирани светски универзитети. Со пленарни предавања настапија 6 компании и 5 професори. Овој тренд ќе продолжи и оваа година со големиот број пријавени трудови и рекордно големиот број пријавени учесници од универзитети од други држави“, додава Станковски.
Повеќе информации за конференцијата може да се најдат на официјалната страница http://skeeor.feit.ukim.edu.mk/index.html.