Град Скопје традиционално во соработка со Агенцијата СВОТ ДООЕЛ Скопје, го реализираше проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите, а годинава за првпат се избираа и трите најдобри кафе барови на подрачјето на град Скопје.
Проектот Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите се спроведува по деветти пат, а плакетите на најдобрите, денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
“Тајните купувачи, ангажирани од SWOT Research ги завршија трите обиколки на 100-те угостителски објекти, како и 70-те кафе барови кои по случаен избор влегоа во трката за Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2016 и избор на најдобро кафуле, по што следеше сумирање на резултатите, од кои ќе произлезат заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина. SWOT Research преку својата мрежа на тајни купувачи ги оцени 50-те ресторани, 50-те гостилници и 70-те кафе барови, според примарните критериуми: прв контакт, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храна (само за ресторани и гостилници) и завршен контакт, врз основа на кои тајните купувачи по направената евалуација изготвија извештаи кои се изработени по одредените критериуми. Ме радува фактот дека оваа година има пораст на резултатите и кај рестораните и кај гостилниците, особено што кај рестораните е забележан највисок резултат во споредба со претходните осум години. Според оценките најдобрите три ресторани, три гостилници и три кафе барови ќе добијат признанија за својот квалитет и престиж“, изјави Трајановски.
Годинава за најдобри три ресторани се избрани: Фиш, Lyra (Лајра) и Рагуза. Најдобри три гостилници се: Дукат, Срна и на третото место се пласираше Калцона, а најдобри во категоријата кафе барови се: Скај бар Русија, АБЦ кафе бар и Баду бар.
Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ – Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека годинава во текот на истражувањето коешто се спроведе во периодот од први до 30-ти септември за кафе баровите и од први до 31-ви октомври за рестораните и гостилниците, биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Спроведени биле вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а во кафулињата имало 210 посети, односно секој објект бил посетен три пати.
Според истражувањето, од вкупно 100 угостителски објекти, 16 гостилници оствариле високи резултати над 90%. Годинава ниту еден угостителски објект не забележал ниски резултати, односно под 50%.
Кога станува збор за кафулињата, резултатите од истражувањата се со сегмент на средни, односно само едно кафуле остварило високи резултати над 90%, но радува фактот што ниту едно кафуле не остварило низок резултат, односно под 50%.
Како и изминатите години се оценуваа следниве стандарди:
– прв контакт (поздравување и упатување кон местото на седење, приоѓање на келнерот, поздравување);
– хигиена на објектот (чистота на простор, маси, чаршафи, столови, прибор, мени);
– тоалет (хигиена на простор и санитарии, бришачи за раце, заклучување);
– амбиент (осветлување, температура, миризба, музика);
– услуга на келнери (љубезност, проактивност, посветеност, однесување);
– општа услуга (асортиман, адекватно послужување, време на услужување, издавање фискална сметка);
– квалитет на храна (свежина, количина, вкус) – само за рестораните и гостилниците;
– завршен контакт (заблагодарување и отпоздравување).
Резултатите од истражувањето беа јавно презентирани пред угостителите во форма на заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина.
Проектот за избор на Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2016 година.