Четири медали за Гастро Мак на гастрономскиот натпревар Босански дукат 2016

43

sl

Капитенот шеф Бобан Билбиловски и шеф Игор Атанасов освоија четири бронзени медали на петтиот меѓународен гастрономски фестивал Босански дукат – Вкусовите на Херцеговина 2016, кој од 23 до 26 ноември се одржа во градот Широки Бријег. Готвачите на Гастро Мак учествуваа во две категории на натпреварот – подготовка на национално јадење на модерен начин и во категоријата подготовка на риба и десерт.

Под менторство на тимот на Гастро Мак, професорката Сузана Лековска и директорот Александар Бачевски, на овој меѓународен натпревар учествуваше и тимот на ученици од Средното стручно училиште Моша Пијаде од Тетово. Учениците кои во најдобро светло го презентираа своето училиште се Николина Крстевска, Бране Јовановски и Стефан Столески. Тие се натпреваруваа во јуниорска категорија. Во силната конкуренција на млади колеги од целиот регион, ученикот Бране Јовановски го освои сребрениот медал во категоријата подготвување на јадење од риба, а учениците Николина и Стефан ги добија дипломите за покажаното знаење и вештини. Ова е извонреден личен успех и успех со кој се гордеат нивните придружници на ова патување, професорката Сузана Лековска и директорот Александар Бачевски, како и сите ученици на Средното стручно училиште Моша Пијаде од Тетово. Повозрасните колеги од Здружението на готвачи Гастро Мак ја даваа својата поддршка и го споделуваа своето искуство сè со цел училишниот тим да ги запази сите пропозиции на меѓународниот натпревар, стои во соопштението.

Претседателката на Гастро Мак, г-ѓа Адријана Алачки истакна дека учеството на тимот на Гастро Мак и поканата до учениците од Тетово да ни се придружат во претставувањето на Република Македонија на меѓународниот гастрономски фестивал Босански дукат – Вкусовите на Херцеговина е уште една успешна приказна во остварувањето на програмските цели на Здружението да даваме сопствен придонес во промоцијата на нашата земја како туристичка дестинација со богата гастрономска понуда по која како нација сме препознатливи во светот. Личните контакти и можноста да се разменат искуства со колегите готвачи од целиот регион се уште една исползувана прилика овие млади луѓе да ги збогатат нивните знаења со цел унапредување на професионалните стандарди во готварската професија во Република Македонија.