Студентите на ФЕИТ освоија прво место за електричен картинг

93

thumbnail_prva-nagrada-2

Тим студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје освоија прва награда во категоријата Најдобри трудови на 9. Меѓународна конференција на студентски проекти IEEESTEC 2016. Натпреварот се одржа во ноември на Електронскиот факултет во Ниш, Србија, каде студентите на ФЕИТ се претставија со труд под наслов Дизајн и реализација на електричен картинг. Победничкиот тим го сочинуваат Иван Спасески, Бобан Момчиловски, Дејан Пејовски, Бодан Велковски, Тамара Панова, Филип Симјановски и Стефан Лутовски.

„IEEESTEC е меѓународна студентска конференција која што се одржа по 9-ти пат. Големо задоволство ми причинува тоа што ја добивме првата награда за најдобар труд во категорија по оценка на рецезенти. Оваа година на студентската конференција имаше 65 студентски трудови напишани од 118 автори. Имаше и наградени студентски трудови за најдобра практична изведба, категорија Жените во областа на инженерството , МТТ Специјална награда, како и награден стручен труд, електронски оценуван од авторите кои учествуваа“, вели Иван Спасески, еден од наградените студенти на ФЕИТ.

Трудот дава детален опис на успешно завршената прва фаза од проектот за реализација на електричниот картинг, која се одвиваше на ФЕИТ од септември 2015 до мај 2016 година. Овој проект е финансиран од ФЕИТ и Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а се реализира под водство на професор д-р Гога Цветковски и професор д-р Снежана Чундева.

„Овој проект претставува студентски проект кој ќе биде реализиран во три фази и ќе трае три години. Во првата фаза, студентите имаа задача од стар и неупотреблив бензински картинг со одредени конструктивни модификации на шасијата и вградување на електричен мотор, енергетски ппреобразувач и батерии, да го претворат во електричен картинг. Сето тоа го направија со сопствени сили и знаења, со помош на менторите и останатите членови од истражувачкиот тим. Со гордост може да кажеме дека имаме електричен картинг со задоволителни перформанси, односно автономија на спортско возење од 30 минути со просечна брзина од 30 km/h. Моќноста на еднонасочниот мотор е 2,5  kW, а капацитетот на батериите е 220 A/h. Следната задача на студентите, во втората фаза, ќе биде да го доработат картингот, односно да вградат дополнителна опрема преку која ќе се добива информација на екран за напонот и капацитетот на батериите, брзината на движење на возилото и некои дополнителни податоци неопходни за подобрување на квалитетот на движење и управување на возилото“, рече професор Цветковски.

Во оваа фаза на овој проект учествуваа уште осум студенти од студиската програма Електоренергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија и дел од наставниот кадар.