Македонски Телеком години наназад во континуитет работи да биде јаглерод неутрална компанија, што подразбира драстично намалување на емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата, како заедничка заложба на Маѓар Телеком Групацијата, велат од компанијата.
Во таа насока, имајќи предвид дека климатските промени како еден од најсериозните проблеми на денешницата се предизвикани од зголемената емисија на јаглерод диоксид во атмосферата, Македонски Телеком имплементира повеќе мерки во своите секојдневни оперативни и тековни активности, со цел да се заштити животната средина.
За да се постигнат целите утврдени во Стратегијата за одржливост, компанијата ја зголемува енергетската ефикасност преку примена на иновативни решенија во своето работење. Намалувањето на потрошувачката на електрична енергија Македонски Телеком го постигнува пред сè со воведување на нови современи телекомуникациски технологии, како што е проектот за модернизација на мрежата, базирана целосно на интернет протокол (Аll IP).
Неколку инфраструктурни објекти се снабдуваат со соларна енергија, а со оптимизација на работниот простор дополнително се намалува и потрошувачката на греење. Потрошувачката на електрична енергија се регулира со воведување на систем за автоматско вклучување на светлата во работните простории. Намалена е потрошувачката на гориво преку вградување на ГПС системи за следење на оперативните возила, а наместо службени патувања дел од работните состаноци се реализираат со користење на нови комуникациски технологии како што се Telepresence и Webex.
Еден од главните фокуси на компанијата е Go Digital што подразбира автоматизирање на интерните деловни процеси и комуникација со корисниците, со што се зголемува електронската размена на документи, што како концепт веќе се промовира со услугата електронска сметка за да се намали користењето на хартија.