Шкотскиот дизајнер на мебел Гавин Мунро после неколку години напорна работа успеа да го усоврши својот проект Full Grown, којшто подразбира создавање мебел на необичен начин.
Овој дизајнер со помош на претходно подготвени калапи обликува млади садници на дрво во форма на мебел, столица или ламба. Но, освен калапите, неопходно е и кроење на гранките на дрвото додека расте.
За целиот процес на создавање на мебел што израснува, потребни се од четири до осум години, пишува Colossal.
Мунро вели дека овој процес на создавање на мебел е органски бидејќи користи само воздух, земја и сончева светлина. Откако дрвото ќе израсне во саканиот облик, се носи на сушење и финална обработка во работилница.
Првиот прототип на Full Grown столица е изложен во народниот музеј на Шкотска, а дизајнерот и неговиот тим го поставија на платформата за групно финансирање Kickstarter.