ФФРМ со предлог мерки за помош на поплавените подрачја

45

26022013145102_poplava strumicko-banskoliev5[1]Федерацијата на фармери на Македонија предлага фармерите погодени од неодамнешните поплави да не плаќаат закуп за земеното државно земјоделско земјиште, ниту надомест на водните заедници.

Исто така, да добијат ваучери за репроматеријали (препарати, ѓубрива, гориво за земјоделска механизација, расад) зависно од големината на површината и културата, како и совети за натамошни активности за зачувување на квалитетот на почвата.

Како што соопшти ФФРМ, предложените мерки се во корелација со Законот за земјоделство и рурален развој, а ќе им помогнат многу на оштетените земјоделци.

Најголемите штети се во Струмичко на површина од вкупно 230 хектари главно засеани со жита меѓу кои доминира пченицата. Останатите посеви се со градинарски култури од кои најоштетена е зелката. Загуби има и на површините на кои се произведува расаден материјал за домат и пипер.

Изминатите денови ФФРМ оствари средби со градоначалниците на Босилево, Ново Село, Василево и Струмица, на кои е договорено да се реализира заедничка стратегија за решавање на новонастаната ситуација. Општините го лоцирале проблемот во водостопанските организации кои, како што посочиле, не се доволно оперативни поради недоволно финансиски средства, механизација и човекови ресурси.

Оттаму произлегла и иницијатива за преземање заеднички активности во насока на реконструкција на речните сливови, чистење на реките долж течението, како и подигнување на свеста кај земјоделските производители за управување со ѓубривото со што ќе се спречи фрлање на отпадот во реките.