Градот Париз ќе потроши 300 милиони евра во следните 15 години за реновирање на Ајфеловата кула. Градските власти објавија дека буџетот наменет за обнова симболот на градот е зголемен за 45%. Претходно, годишниот трошок беше 13,7 милиони евра, а сега владата ќе троши 20 милиони евра годишно, пишува Wion.
Бидејќи градот е кандидат за одржување на Олимписките игри во 2024 година и Светската изложба (World Expo) во 2025 година, градоначалничката на градот, Ан Идалго, вели дека е неопходно да се подобри изгледот на големиот споменик којшто претставува главна туристичка атракција во Франција.
Половина од парите ќе бидат наменети за поправка на лифтовите и фарбање, а другата половина за модернизација на споменикот. Предвидени се места пред кулата каде посетителите ќе може да се засолнат кога ќе врне, а ќе биде обновено и осветлувањето.
Ајфеловата кула е изградена во 1889 година и дневно ја посетуваат од 15.000 до 20.000 луѓе.