Фондот за иновации и технолошки развој го објавува отворањето на четвртиот повик за поднесување предлог – проекти под: Инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф и Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации
Четвртиот повик на Фондот за поднесување предлог проекти ќе биде отворен на 03.02.2017 година со времетраење од 90 дена, до 03.05.2017 година. За финансирање проекти под овој повик за инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф обезбеден е вкупен износ од 450.000 евра, односно 27.762.345 денари, наменети за 15 старт – ап или спин – оф претпријатија, додека за Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации обезбеден е вкупен износ од 1.000.000.000 (еден милион) евра, односно 61.694.100 денари, наменети за 10 претпријатија.
Сите заинтересирани можат да ги поднесат предлог – проектите (уредно пополнети обрасци и дополнителна документација) во електронска форма преку системот на Фондот на следниот линк http://mis.fitr.mk заклучно со 03.05.2017 година (00:00 часот).
Инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф има за цел да го поттикне нивото на иновативност кај новооснованите претпријатија преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности на истражување и развој. Грантот се очекува да ја поттикне културата на преземање на ризик и иновација, да обезбеди поддршка за претпријатијата кои сакаат да развијат нов или подобрен производ, процес, и/или услуга како и да поттикне комерцијализација на резултатите од истражувања настанати во високо-образовните односно научно – истражувачките установи. Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти кои имаат најмалку “потврден концепт“ (proof of concept) и јасна комерцијална амбиција. Инструментот поддржува проекти кои се во фаза на потврден концепт до предкомерцијална (предпазарна) фаза. Јавниот повик се однесува на кофинансирање најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра. Преостанатиот износ од вкупниот буџет на проектот треба да биде обезбеден од страна на апликантот. Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија (не постари од шест години) – старт – ап и спин – оф претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја со солидно очекување за комерцијализација.
Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации има за цел да поттикне зголемување на истражувањето и развојот во приватниот сектор, да ја охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научни установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации. Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) се до пред комерцијална (предпазарна) фаза. Јавниот повик се однесува на кофинансирање најмногу до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100.000 евра. Преостанатите 30% од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот. Повикот е отворен за микро, мали и средни претпријатија што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие или установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност.
Условите за аплицирање, обрасците за аплицирање, како и критериумите за оцена на предлог проектите се детаљно образложени во целосниот текст на повикот достапен на веб страницата на Фондот за иновации и технолошки развој: www.fitr.mk.