Фото: Pixabay
Бизнис ангелите се успешни претприемачи, сопственици или менаџери на големи компании, со чија финансиска моќ, искуство, знаење, мрежа на контакти… поддржуваат старт – ап бизниси. Бизнис ангелите ја пополнуваат празнината во финансирање на идеи или стартапи во рана фаза, коишто во очите на банките и другите финансиски институции се високоризични.
Профитот е “ѕвезда водилка“
Профитот е крајната цел на секој бизнис ангел, кога одлучува дали ќе инвестира во некој старт – ап. Тој се води од идејата дека вложува пари за да создаде успешна и профитабилна компанија, што е самоодржлива на пазарот и отпорна од голем број притисоци. Тие инвестираат, креираат, поттикнуваат раст и развој и на крајот може да го напуштат бизнисот.
Инвестираат во успешен тим
Бизнис ангелите најчесто ги избегнуваат поединците и нивните идеи. Гледаат потенцијал во тим што има капацитет и способност да расте и се развива во иднина.
Бараат големи и уникатни идеи
Во светот постојат безброј идеи и мали стартапи коишто нудат исти или слични решенија, производи и услуги. Вниманието на бизнис ангелите може да им го привлече некоја голема идеја што отскокнува од останатите, нуди поголема вредност, има поголем потенцијал и јасна насока за развој на пазарот. Инсистираат идејата да биде поткрепена со факти, а не со празни зборови или ветувања.
Неопходна е доверба во идниот бизнис партнер
Бизнис ангелите развиваат релација на доверба со својот потенцијален партнер. Никогаш не донесуваат одлука од прво гледање, бидејќи им е потребно повеќе време, неколку средби, подобро запознавање за да може да ја создадат целосната слика.
Добро разработен бизнис план е од клучно значење
Некој старт – ап би можел да позајми пари од блиски луѓе без да им прикаже бизнис план, но тоа не поминува кај бизнис ангелите. Професионалните инвеститори знаат дека претприемачите кои започнуваат бизнис без соодветен план се осудени на неуспех.