Отворен конкурс за стипендии за школување во гимназијата Нова

57

konkurs-za-stipendii-za-shkoluvanje-vo-nova

Меѓународната гимназија Нова во соработка со фондацијата Борис Трајковски распиша конкурс за доделување на стипендии за школување во оваа гимназија. Аплицирањето почнува денеска (20 февруари) и ќе трае до деветти март, а ќе се одвива преку интернет страницата на Нова каде е поставена електронска апликација која заинтересираните ќе треба да ја пополнат. Стипендиите се доделуваат по дванаесетти пат и наменети се за ученици од цела Македонија кои го завршуваат основното и сакаат да го продолжат средното образование во оваа образовна институција. Сите пријавени кандидати треба да имаат одличен успех од петто до деветто одделение и солидно познавање на англискиот јазик.

Тројца апликанти ќе добијат целосни стипендии за четиригодишно школување додека најдобрите 25 ќе имаат шанса да конкурираат за финансиска помош која ќе може да покрие најмногу до 50% од школарината. Ваква финансиска поддршка ќе добијат најмногу 10 ученици. Сите пријавени кандидати ќе треба да полагаат тестови по англиски и математика и да напишат есеј на зададена тема. Најдобрите осум кандидати ќе бидат повикани на интервју пред стручна комисија. Од нив ќе се одберат трите целосни стипендисти.

Со цел да им се помогне на сите заинтересирани ученици во процесот на аплицирање, на втори март ќе бидат организирани и работилници по математика и англиски јазик.

Освен целосни стипендии, тројца ученици ќе добијат и поддршка за време на четиригодишното школување активно да учествуваат во локални, регионални и меѓународни настани и натпревари. Преку овие можности тие соодветно ќе се надградуваат со цел да ја претставуваат визијата на училиштето, фондацијата Борис Трајковски, но и својата држава. Програмата за стипендирање почна во 2005 година, а досега ја завршија девет генерации матуранти, кои своето образование го продолжија на врвни факултети во Европа и во САД.