Шведската софтверска компанија Crisp има 40 вработени, а ниту еден шеф или претпоставен, пишува BBC.
Компанијата претходно користеше различни модели на лидерство, но од пред три години веќе нема ниту еден шеф кој ќе биде претпоставен на еден или група вработени.
“Си рековме, што ќе се случи доколку немаме кого да назначиме за следен главен извршен директор, како ќе изгледа тоа? Потоа направивме вежба и направивме листа од сите активности што вообичаено ги прават овие одговорни лица“, вели Јасал Сандмен, вработен во Crisp.
Во компанијата се одржуваат четиридневни состаноци за сите вработени два до три пати во годината. Во тој период, се разгледуваат и донесуваат одлуки што се важни за сите, а во текот на работата вработените се охрабрени сами да донесуваат одлуки.
Не постои класичен начин на казнување и барање одговорност, бидејќи овој начин на работа ги мотивира сите вработени повеќе да се залагаат и да преземаат одговорност. Дури и кога ќе дојде до некоја грешка, секој од колегите го изразува своето мислење и се обидува да им го објасни своето однесување.
Во оваа компанија никој на никого не му наредува што треба да работи, но не се толерира кога нешто нема да се заврши како што треба.
Вработените се среќни што имаат ваков модел на управување, а тоа го покажуваат и редовните анкети за задоволство на персоналот.