Во Македонија ќе се развива производствен систем на квалитетни сорти ориз, кои ќе придонесат за зголемен приход на производителите како и за подобар пласман на тој земјоделски производ.
Новиот систем ќе се развива преку размена на искуства со Турската агенција за соработка и координација за развој на производството и квалитетот на оризот (ТИКА).
Основа на овој проект е протоколот за соработка што денес во Скопје го потпишаа македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и претседателот на Секторот за Балкан и Источна Европа на ТИКА, Али Маскан.
“Се планира да се набават нови семенски сорти и генотипови ориз за истражувачки цели од Турција погодни за агро-еколошките услови во Македонија”, изјави Димовски, изразувајќи благодарност до ТИКА.
Ќе биде формиран управен комитет со претставници од Турција и од Македонија кој ќе ја следи реализацијата на двегодишниот протокол. Комитетот ќе заседава најмалку двапати во годината, а со него ќе претседава македонскиот министер за земјоделство.
Kaко што изјави Маскан, проектот е продолжение на соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој додаде дека претходно бил реализиран проект за развој на пчеларството, што успеа да влезе меѓу првите десет од страна на УНДП.
“Ќе продолжиме со истиот успех и во иднина. Има многу работи кои треба да ги научиме меѓусебно. Ќе продолжиме со реализација на различни проекти од различни области со цел да разменуваме искуства”, наведе Маскан.
Турската агенција ТИКА има 14 претставништва на Балканот и во Централна Европа, каде реализира различни проекти за размена на знаења, искуства и соработка во областа на сточарството, пчеларството, органското земјоделство, шумарството и др.