Краток текст  

225

poraka

Фото: Pixabay

„Го напишав ова писмо подолго од вообичаено, затоа што немам време

да го напишам пократко”

 Блаисе Паскал

(филозоф, математичар, писател, иноватор)

Можеби звучи чудно од прва рака, меѓутоа доколку се разгледа убаво, е супер точна. Секогаш е потешко да се напише некој пократок текст, е-пошта, порака (нормално тука се мисли кога сакаме да испратиме некоја порака која треба да се објасни убаво), отколку да се раскаже во подолг текст.

Порано се чудев како може другар ми во средно, да добива 3 за пола страница расказ (недовршен) по писмена македонски, а јас со 3 страници, исто така, оценка 3!? Неговото звучеше 17 класи подобро од моето, ама јас си викав, брее па и јас истото го кажувам, само во 3 страници. Меѓутоа, од оваа перспектива разбирам колку е важно, но тешко да се изразиш во неколку зборови, а да кажеш многу. Посебно, во време кога немаме многу време и нерви да читаме долги пораки, а сепак тие треба најефективно да стигнат до нашите купувачи.

Тоа е стандардна процедура во секоја маркетинг и продажна комуникација. Тука мора да се одберат вистинските зборови со кои ќе се пренесе една порака, а тоа да биде примамливо за читателот. Кога се смислуваат слогани на рекламни кампањи, најтешко е да се стави цела една филозофија во неколку зборови, т.е. да се развие слоган. За да се дојде до една реченица – слоган, прво мора да се развие детален концепт што сакаме да искомуницираме, потоа да се развие „клуча промотивна идеја”, па на крајот од неа да се извади слоган. За тоа треба време, работа и многу мислење. Имајте на ум дека исто толку труд е потребно и доколку сакате да напишете некоја важна е-пошта до вашиот клиент.

Основна причина зошто е секогаш потешко да се напише пократок текст е тоа што пишаната комуникација претставува само 7% од вкупната ефикасност при испраќање на една порака. 93% отпаѓаат на тонот и говорот на телото. Пишаната комуникација е најдвосмислена. Затоа, треба да сте многу вешти во изборот на зборови и нивно правилно распоредување.

За да знаете да пишувате ефективни кратки пораки, вие мора да работите на развој на следниве области:

  1. Познавање на купувачот: Емпатија! Пред да напишете некоја порака, мора да се ставите во перспектива на примателот на информациите (купувачот). Тоа значи дека не треба да тргнете од ваша перспектива (ЈАС), и тоа како вие сакате да ви ја напишат пораката, туку од гледиште на вашиот соговорник (емоции, мисли, потреби, карактер, итн.).
  2. Избор на зборови: Мислење! Следно треба да ги одберете најважните зборови за личноста на која ѝ се обраќате, и да ги распоредите на начин, со цел најдобро да ја испратите пораката. Во оваа фаза ви е потребно многу мислење и напрегање на мозокот.
  3. Трпение: Време! За да го направите сето ова потребно ви е време. Тоа значи, ако имате некоја важна порака што сакате да ја испратите некому, немојте да брзате. Подобро одложете ја работата, отколку да ја напишете пораката набрзина и да кажете нешто што не сакате.
  4. Тренинг: Читање книги! Одлична вежба е читање книги (од кој било жанр). Но, покрај претрчување низ зборовите, пробајте да го анализирате стилот и начинот на кој се изразуваат авторите. На тој начин работите и на многу други аспекти.
  5. Знаење – Многу е корисно да прочитате некои книги кои се занимаваат со типови, начини и техники на (деловно, креативно) пишување, совети за креирање на рекламни слогани, продажни текстови итн., со цел да ги научите најефективните совети за пишување на краток текст.

Во секој случај, правилото за правилен текст во деловната комуникација е секогаш KISS – Keep it short and simple, да е кратко и јасно.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.