Работењето на Групацијата Триглав во 2016-та година беше успешно и во согласност со стратешките насоки, коишто се базираат на профитабилност и безбедност во работењето, како и на зачувување на финансиската стабилност, стои во соопштението.
Групацијата обезбеди 936 милиони евра консолидирана бруто премија од осигурување и соосигурување, наспроти планираните околу 900 милиони евра. Во сите шест земји, во кои што работи Групацијата, постигнат е пораст во премија.
Својата позиција ја подобри на пазарите во Србија и во Хрватска, додека во Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора нејзиниот удел на пазарот падна за помалку од 1%, но и покрај тоа, на овие пазари Групацијата убедливо ја задржа својата водечка позиција.
Одличните резултати на Триглав Осигурување Скопје во 2016-та година се показател на финансиската стабилност на компанијата. Континуитетот во успешно работење е резултат на квалитетот на услугите коишто компанијата ги нуди, како и експертизата во работењето, за што е повторно доказ водечкиот удел на пазарот на неживотно осигурување на крајот на годината од 17,9%. Во 2016-та година Триглав обезбеди 2,4% повисока бруто полисирана премија, споредено со 2015-та година, поточно 21,6 милиони евра. Според Ѓорѓе Војновиќ, главниот извршен директор на компанијата, најдобар показател за работењето во основната, осигурителна дејност е сепак комбинираниот коефициент, кој што треба да има вредност под 100%. Триглав, на крај на 2016-та година оствари комбиниран коефициент од 99,1%, откако компанијата успеа да го намали за 2,6 процентни поени, во споредба со претходната година.
“Ни причинува особено задоволство што имаме диверсифициран пораст на премија, којашто ја прикажуваат скоро сите продажни места на Триглав во земјата. Најголем раст реализиравме во доброволното здравствено осигурување, што е особено важно, имајќи во предвид дека станува збор за стратешки важен производ. Да се биде лидер на пазарот е предизвик, бидејќи очекувањата од клиентите и јавноста се високи, но и одговорност, бидејќи треба да придонесеме кон развојот на осигурителната индустрија во земјата. Инвестираме во нови, иновативни производи, така во 2016-та година воведовме две нови услуги, автомобилска и домашна асистенција, како додадени вредности на постоечките производи. Покажуваме одлични резултати, па така и оваа година добивме признанија за најдобар квалитет на услуги, како и најдобра понудена вредност за парите. Постигнатите резултати, како и задоволството на клиентите се резултат на успешното спроведување на одличната деловна стратегија и на победничкиот пристап во справување со предизвиците”, дополни во оваа прилика Војновиќ.