Меѓународниот Саем за автомобили во Белград почнува денес, а во текот на следните 10 дена преку 300 изложувачи ќе претстават повеќе од 100 нови модели.
Ѕвезда на саемот е најскапиот експонат, жолтиот кабриолет на Мекларен, кој е изработен само во 900 примероци и основната верзија чини 230.000 евра, додека со дополнителна опрема надминува и 300.000 евра. Се прави во Англија по нарачка, рачно, а од моментот на нарачување до испорака се чека околу шест месеци.
На саемот ќе биде претставен и Фиат 500L кој се произведува во Крагуевац. Компанијата Фиат автомобили Србија соопшти дека премиерно ќе ја претстават верзијата на моделот Фиат 500L 1.3 MTD pop star, во би-колор варијанта.
Во Белград ќе пристигнат и околу 50 автомобили кои премиерно беа претставени во Женева. Најголемата борба за купувачи и ова година ќе се води во сегментот на класата С, додека повеќето луксузни автомобили што се изложени се веќе купени, а нивните сопственици чекаат да заврши саемот за да си ги земат.