Македонија наскоро ќе добие технолошка линија за рециклирање на стаклен отпад

157

1

Македонија наскоро ќе добие технолошка линија за рециклирање на стаклен отпад. Станува збор за технолошка линија целосно конструирана и изведена од страна на македонски компании. Проектот, чиј носител е компанијата Акрон, е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на програмата за комерцијализација на иновации.

“Нашиот проект е технолошка линија за прочистен стаклен гранулат од отпадно стакло. Основната функција е да го третираме отпадното стакло што во Македонија, нешто што сега никој не го прави. Вреден репро материјал завршува во депонии, а неразградливата природа на стаклото сериозно го намалува векот на траење на секоја депонија. Постои одредена еколошка свест во Македонија, но проблемот е тоа што многу малку луѓе го селектираат стаклото, а оние кои го прават тоа немаат каде да го носат. Исто така, постои мислење дека рециклирањето на стаклото, за разлика од рециклирањето на хартија или пластика, е економски неисплатливо поради што никој не е економски мотивиран да го собира отпадното стакло“, вели Александар Пенев, директор на компанијата Акрон.

Технологијата предвидува мелење на стаклениот отпад, отстранување на нестаклените примеси како етикети, метални магнетизирачки и немагнетизирачки примеси и други контаминанти, а крајниот резултат ќе биде прочистен стаклен гранулат, стручно наречен калет.

“Целокупната технолошка линија се произведува кај нас. Истата се состои од повеќе компоненти, кои се поврзани во една технолошка линија. Во самото дизајнирање и производство на оваа линија соработуваме со локална фирма за обработка на метал. Целиот иновативен тим е локален и се состои од тројца членови од Акрон и еден надворешен соработник. Технолошки линии за третман на отпадно стакло постојат во различни изведби и во зависност од големината и обемот чинат од еден до 25 милиони евра. Ние се надеваме дека целата изведба ќе ја вклопиме во буџет од 150.000 евра што само по себе е различно од сето она што го има на пазарот. Воведовме ситни иновации, како на пример изведбата на влезната партија на технолошката линија, која овозможува поголема контрола при дозирањето на протокот на материјал во текот на работата“, додава Пенев.

Технолошката линија е поставена во кругот на поранешна Стакларница во Скопје и се очекува да биде комплетирана до крајот на мај оваа година. Приоритет во овој момент е да започне процесот на третирање на отпадно стакло колку што е можно побргу, бидејќи во Македонија веќе со децении стаклото завршува во депонии.

Четвртиот повик на Фондот за иноавации и технолошки развој за поднесување предлог проекти е во тек и ќе биде отворен до 03.05.2017 година. За финансирање проекти под овој повик за инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф обезбеден е вкупен износ од 450.000 евра, односно 27.762.345 денари, наменети за 15 старт – ап или спин – оф претпријатија, додека за Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации обезбеден е вкупен износ од 1.000.000.000 евра, односно 61.694.100 денари, наменети за 10 претпријатија.