Кризата во Кипар, по се изгледа е стара вест, новата земја за која треба да се грижиме е Словенија. Ова е заклучокот на весникот Вашингтон пост за новата економска опасност која се наоѓа меѓу Италија, Австрија, Унгарија и Хрватска.
“Словенија имаше прилично лоша недела со обврзниците, а се чини дека ќе и треба спасување. Тоа не е криза со големина како кипарската, но секако спаѓа во ‘опасната зона’”, пишува весникот.
Словенија ја опишува како мала економија која се потпира на извозот, а на почетокот на 2000-тите имаше раст поголем од оној во еврозоната, но со растечки долг. За разлика од другите земји кои имале проблеми со кредитите во секторот на недвижнини, Словенија имаше проблем со компаните, кои работењето го финансираа со долгови, наместо со капитал. Големите корпоративни заеми финансираа поголем дел од стопанскиот раст остварен од 2000 година досега. Податоците покажуваат дека само во 2007 година долгот на приватниот сектор се зголемил за 23,5%, а долгот на нефинансискиот приватен сектор за дури 40%. Добар дел од тие кредити се покажале како лоши по почетокот на кризата во 2008 година.
Вашингтон пост потсетува дека сега веќе поранешниот премиер Јанез Јанша одобри пакет мерки за штедење, ги намали платите во јавниот сектор и социјални бенефиции со цел да се намали буџетскиот дефицит на 3,5% отсто во 2012 година. Ова можеби би успеало, да нема трошоци за докапитализација на банките и пад на приходите како директна последица на мерките.
“Кипарските банкарски депозити се на 800% од БДП, за разлика од 125% во Словенија. Владиниот долг минатата година изнесуваше само 52,7%, а до крајот на 2014 би можел да порасне на максимални 69%. Ако овие бројки се споредат со оние на земјите со сопствена валута, ова е мала работа. Да имаше Словенија сопствена валута, ова лесно би се решило, но со оглед на тоа дека ја нема, се најде на работ”, заклучува Вашингтон пост.