Во винаријата Стоби, Градско, Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија, денеска беше домаќин на Мини саем за микро и мали компании од сите осум региони на Македонија.
Г. Едвард Гонзалез, директор на канцеларијата за развој при Мисијата на УСАИД во Македонија, изјави: “Во последните пет години, проектот им дава можност на претприемачите да учат едни од други, да ги подобрат менаџерските вештини, подобар пристап до финансии и можност за раст на бизнисот локално и регионално. Овој Мини саем е одлична можност претприемачите да ги претстават сопствените бизниси и да ги отворат вратите за идни успешни соработки.”
На Мини саемот, учесниците во проектот имаа можност да се претстават едни пред други, да ги промовираат своите производи или услуги и да разговараат за можни бизнис соработки.
Г-ѓа Билјана Дамевска, заменик директор на Проектот, ЦЕЕД Македонија, изјави: “Претприемачите кои се овде денеска, подготвија специјална саемска понуда за останатите, па очекуваме да имаме успешен ден во однос на нови соработки, што е и наша цел со овој настан.”
Настаните за вмрежување се една од главните активности на проектот за зголемување на продажбата кај претприемачите од различни делови од Македонија.
Започнат од УСАИД во јули 2011 година, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Проектот за микро и мали претпријатија во вредност од 3.079.400 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Активностите на проектот се имплементираат во осум региони и ја покриваат целата територија на Македонија. ЦЕЕД Македонија е една од институциите во наследство на УСАИД и е имплементатор на Проектот.