Обука за напредни менаџерски вештини и успешни бизнис планови во рамки на ЛИДЕР проектот на Македонија 2025

39

foto-1

Нови 40 млади професионалци од Македонија ќе земат учество во најновата обука за претприемачи и менаџери, која е дел од активностите во рамки на јубилеjното десетто издание на ЛИДЕР Проектот на Македонија 2025, што се спроведува во соработка со Бизнис школата Ричард Ајви. Обуката се состои од десетдневна интензивна бизнис програма дизајнирана според програмата за специјалистички и магистерски студии (МБА) на универзитетот Вестерн Онтарио од Канада, стои во соопштението.

За реализација на обуката, организацијата Македонија 2025 се погрижи да донесе инструктори со впечатливи биографии и од разновидни експертски области, кои зад себе имаат повеќегодишно работно искуство. Оваа обука претставува уникатна можност на младите професионалци од Македонија да стекнат нови деловни и менаџерски компетенции кои ќе им помогнат да остварат подобар успех на работното место или во својата компанија.

“Со комплетирањето на годинешниот јубилеј на ЛИДЕР Проектот, организацијата придонесува за зголемување на бројот на млади професионалци од Македонија кои ќе бидат подобро подготвени за возбудливите предизвици што следуваат и кои ги надминуваат границите на земјата. Македонските компании, како и странските инвестиции во Македонија, сега можат да сметаат на повеќе од 250 поединци кои се стекнале со сертификат на Северноамериканска образовна програма“, изјави директорката на Македонија 2025, Билјана Марковиќ – Стаменова, пред присутните на промоција на новиот циклус од ЛИДЕР Проектот, истакнувајќи ја притоа големата важност на сертифицираната програма.

“Програмата за градење на лични и професионални способности отвора многу дополнителни можности. Потребно е само волја и отворена комуникација со инструкторите“, вели  Зоран Мартиновски, член на одборот на директори на Македонија 2025 и менаџер на канцеларијата на Меѓународната финансиска корпорација на Светската Банка за Македонија и Црна Гора, повикувајќи ги учесниците во годинешната  обука да ги искористат сите можности што таа ги нуди за да ги прошират своите сознанија за бизнисот, како и да добијат мислење за бизнис плановите со кои настапуваат во програмата.

Обуката во рамки на ЛИДЕР проектот ќе трае од осми до 19-ти мај, во просториите на Скопскиот Саем, каде учесниците ќе добијат увид во реални случаи за компании од повеќе сектори. Успешното комплетирање на програмата подразбира и претставување на идејата за бизнис од страна на секој учесник, кој ќе треба да ја убеди жири комисијата во изводливоста и трајноста на бизнис идејата. За време на обуката свои предавања ќе одржат и македонски претставници од бизнисот и економијата.