Next Generation конференција – настан за сите футуристи, иноватори и стартапи од Македонија

44

71b207f3-cc4e-4a7a-ad55-f5b23b74976c

Сеавус и Сеавус Инкубатор по вторпат ја организираат конференција посветена на иновации, технологија и стартапи насловена Next Generation. Конференцијата ќе се одржи утре, 10 мај, со почеток од 17 часот, во просторите на Кино Култура, стои во соопштението.

Целта на конференцијата е да ги презентира современите достигнувања во областа на новите технологии, иновациите, стартапите, а и да ја запознае македонската иноваторска публика со најновите инвестициски текови на фондовите за ризичен капитал.

За првпат во Македонија ќе имаме можност на сцена да ги проследиме говорите на Микела Магеш и Шон Гарднер. Магеш е добитничка на двете најпрестижни награди на ниво на Европската Унија и тоа во 2017 година е прогласена за Жена иноватор на годината, а во 2016 година е добитник на Наградата Луминари за креативна иновација, чии што претходни добитници се професорот Стивен Хокинг и Ричард Брансон. Шон Гарднер е рангиран од престижниот магазин Форбс како највлијателен човек на социјалните медиуми, а во моментот е заменик – претседател на Комуникацискиот борд на Светскиот комуникациски форум, дел од Светскиот економски форум во Давос.

Во рамки на конференцијата ќе се одржат две панел дискусии во областа на напредните технологии и инвестициските финансии.

На финансискиот панел ќе се најде Коча Бошку, извршен директор на Сеавус, кој ќе говори за корпоративните инвестиции; Мајкл Голд, извршен директор на Кримсон Капитал, кој ќе ги презентира новостите во светот на финансирање на долг; Јасмина Поповска од државниот Фонд за иновации и технолошки развој и Јан Коблер, извршен директор на South Venture Capital.

На панелот за технологија говорници ќе бидат проф. Марјан Гушев, кој стои зад успешниот старт – ап за превенција од срцеви удари ECGalert, а во 2016 година ја добива наградата најдобар професор на УКИМ; Благој Ќупев, претседател на лабораторијата за вгнездени системи на Сеавус, која поседува најнапредната технологија во регионов; Костандина Зафировска, извршен директор на BtoBet, иновативен старт – ап којшто преку зголемена реалност и вештачка интелигенција воведе новитети во индустријата на онлајн обложување и Тони Бачваровски, основач на македонскиот старт – ап Гордиан Системи.