Магазинот InStore, којшто веќе шест години континуирано информира и едуцира во рамките на FMCG секторот во Македонија и во регионот, оваа година по третпат ќе го организира настанот на годината – FMCG Summit Скопје 2017. Благодарение на концептот, темите и реномираните говорници, уште од почетокот овој проект покажа деловна сила и авторитет да собере голем број компании од FMCG секторот кај нас, стои во соопштението.
Затоа, и оваа година, на 11-ти мај, во хотелот Александар Палас, учесниците од секторот: произведувачи, дистрибутери, маркети, претставништва, истражувачки агенции, како и претставници од придружните дејности ќе се соберат на едно место да разменат искуства, знаења, мислења и ставови за темите што секојдневно го “мачат“ секторот.
“FMCG секторот е еден од најзначајните сектори во македонската економија и овој настан две години наназад се покажа како вистинско место за собирање на најважните играчи на едно место. Досега имаме пријавено повеќе од 270 присутни, а со оглед на тоа што имаме одлична програма, со врвни говорници од регионот и од Македонија, кои ќе ги инспирираат, мотивираат и едуцираат сите присутни, верувам дека утре нè очекува настан за паметење“, вели Верица Мартиновска, главен и одговорен уредник на магазинот InStore во Македонија.
Третиот FMCG самит ќе биде заокружен со тркалезна маса на тема: Сега и тука: предизвиците на FMCG -секторот во Македонија.