Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски на вчерашното годишно Собрание на федерацијата на фармери на Република Македонија најави модернизација и реформи во системот на давање советодавни услуги на земјоделците.
“Секој земјоделец да има свој советник. Тоа е нашата цел и ако сакаме да имаме добар квалитет, поголем принос како држава, тоа мора да го направиме. Идејата е да се вклучат што е можно поголем број советници кои ќе бидат задолжени да даваат советодавни услуги за добри земјоделски пракси на земјоделците. Советодавните услуги покрај државната Агенција ќе може да ги даваат и други лица. Ќе се изготвува закон за давање советодавни услуги, а планот на ресорното Министерство тоа да биде ефективно веќе од следната година”, појасни Коњановски.
Според него, досегашната финансиска поддршка за земјоделците ќе продолжи и натаму, а во интерес на развој на земјоделството ќе има промени на закони и носење нови.
“Наспроти финансиската поддршка од пред шест години од само неколку милиони евра денес имаме поддршка од 135 милиони евра. Во втората половина од оваа година ќе се посветиме кон дорегулирање на некои закони во однос на фитосанитарниот систем”, информира Коњановски.
Тој исто така потенцираше дека земјоделците треба да ги искористат финансиите што им се на располагање преку ИПАРД програмата.
“Дополнително овозможивме од оваа година набавката за земјоделска механизација да може да се извршувма преку кофинансирање и преку ИПАРД програмата. На располагање ни се повеќе од 14 милиони евра кои македонските земјоделци треба да ги добијат и да го осовременат својот земјоделски парк. Од нас зависи дали ќе успеат, и од Владата, и од вас како здруженија и од федерацијата на фармери. Ако им ги покажеме јасно правилата на земјоделците и и помогнеме тие ќе ги искористат овие средства”, наведе Коњановски.
Според претседателот на ФФРМ Андрија Секуловски со постигнатите резултати се создала вредност на земјоделството. Преку активностите што ги презеле и со воспоставеното партнерство со државните институции успеале голем број од проблемите на земјоделците да ги стават на хартија, да се направат промени на законската регулатива, да се вметнат во програмите за субвенционирање, руралната програма и ИПАРД програмата.