Тим научници од Канада развиваат паметна маица којашто може да дијагностицира респираторни заболувања кај својот корисник или во реално време да ја следи динамиката на неговото дишење, пишува New Atlas.
Главниот предизвик на научниците беше да се направи маица во којашто нема вградени сензори, жици или електроди коишто доаѓаат во директен контакт со телото на оној што ги носи. Поради тоа, тие во маицата вградуваат антена направена од шупливи оптички влакна обложени со тенок слој од сребро. Антената ја врши функцијата на сензор и предавател, па така ги собира и пренесува податоците за респираторното движење на телото.
Собраните податоци во реално време ќе се пренесуваат на мобилниот телефон или компјутер на корисникот, со што ќе го олесни следењето на оваа витална функција.
Маицата ќе може лесно да се пере, бидејќи нема да се оштетат внатрешните компоненти.
Оваа технологија сè уште е во рана фаза на развој, но научниците се надеваат дека ќе може да се вгради во различна облека за да се следи состојбата на пациенти во болниците или домовите за стари лица.