Триглав Осигурување Скопје во првиот квартал од 2017-та година го продолжи трендот на сѐ подобри резултати во сите сегменти од работењето, стои во соопштението.
“Одличните индикатори на перформансите се одраз на експертизата и балансираното управување со компанијата и со сите нејзини процеси, како и фокусот на клиентите, којшто диктира прилагодување на понудата на потребите на пазарот и наложува супериорен квалитет на услугите коишто компанијата ги обезбедува. Во првиот квартал од оваа година Триглав Осигурување Скопје обезбеди 9% повисока бруто полисирана премија, споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи на тој начин 349 милиони денари (5,7 милиони евра)“, стои во соопштението.
Главниот извршен директор на компанијата, Ѓорѓе Војновиќ, смета дека најважен индикатор за доброто работење во основната осигурителна дејност сепак е комбинираниот коефициент, којшто треба да има вредност под 100% и кој што Триглав во првиот квартал од 2017-та година успеа да го подобри, намалувајќи го за 10,3 процентни поени, споредено со истиот период минатата година, на 92,9%.
“Еден од најголемите предизвици секако е задржувањето на квалитетот на работење и на услугите коишто ги обезбедуваме на високо ниво. За тоа се потребни внимателно планирање и унапредување на сите работни процеси, но и мотивирани вработени. Ме радува што тоа континуирано ни успева, што е секако последица на посветеноста на нашиот тим на разултатите и плановите на компанијата, но пред сѐ, на нашиот фокус на клиентите и нивните потреби“ дополни Војновиќ.
Групацијата Триглав во првите три месеци од годинава работеше добро и во согласност со стратешките насоки. Нето добивката на Групацијата изнесуваше 22,3 милиони евра, стои во соопштението.
“Консолидираната бруто полисирана премија од осигурување и соосигурување изнесуваше 281 милион евра, што е 8% повеќе од истиот период минатата година. Раст во премијата беше забележан на сите седум осигурителни пазари на кои што е присутна Групацијата, и во сите деловни сегменти од осигурителната дејност на Групацијата, како и во подрачјето на осигурување на живот, и тоа дури за 10%. Комбинираниот коефициент е поволен и понизок од својата зацртана долгорочна стратешка просечна вредност. Финансиските пазари и оваа година имаат ниски, односно нулти каматни стапки, а во водечката осигурително-финансиска групација во Словенија и во регионот Адрија не се очекува видливо подобрување на ситуацијата во краткорочен период. Триглав Осигурување Скопје во првиот квартал од 2017-та година постигна 9-процентен раст во премија и, и натаму останува водечка осигурителна компанија на македонскиот пазар. Со подобрен комбиниран коефициент во висина од 92,9%, компанијата покажува позитивни резултати во основната дејност“, соопштуваат од компанијата.
Нето добивката на групацијата Триглав изнесува 22,3 милиони евра (22,6 милиони во истиот перод минатата година), добивката пред оданочување изнесува 25,5 милиони (за споредба, минатата година изнесуваше 28,2 милиони). Консолидиранта премија од осигурување и соосигурување изнесува 281 милион евра, што е 22 милиони, т.е. 8% повеќе од истиот период минатата година. Раст во премијата е реализиран во сите деловни сегменти од осигурителната дејност на групацијата Триглав. Во најголемиот сегмент, неживотно осигурување, премијата се зголеми за 8%, во доменот на здравствено осигурување за 13%.
Оваа година, како што се наведува, се забележува позитивен тренд кај премиите од осигурување на живот, каде што е остварен раст од дури 10%. Добриот резултат е последица на успешното задржување средства од полисите на доживување и повисоките уплати на премија.
Раст во премија е остварен на сите седум осигурителни пазари на Групацијата. Во Словенија Заваровалница Триглав обезбеди 8% повисока премија од истиот период минатата година, а другите две осигурителни куќи, Триглав, Здравствена заваровалница и Скупна покојнинска дружба остварија раст во премија од 13%, односно 1%. Просечниот пораст во премија на останатите пазари изнесува 15%. Најголем пораст од 38% е реализиран на српскиот пазар.
“Со новата стратегија преминуваме во групација која што развива нови начини на работење, коишто се темел на нашиот одговорен долгорочен развој, а воедно работиме профитабилно и безбедно. Во центарот на сите активности уште повеќе е изразен нашиот фокус на клиентите и нивните потреби. Задоволни сме со работењето во првото тромесечје. Групацијата, во споредба со истиот период минатата година, го зголеми своето портфолио, привлече нови клиенти, го зголеми обемот на осигурување кај постоечките клиенти и оствари добри деловни резултати. Земајќи ги превид планираните деловни прилики до крајот на годината, цениме дека овогодишната добивка пред оданочување на групацијата Триглав ќе биде остварена во планираниот распон помеѓу 70 и 80 милиони евра“, изјави Андреј Слапар, претседател на управата на Заваровалница Триглав.