Реакција до КЗК: Прилепска Пиварница ја почитува конкуренција и ги следи законските одредби

36

prilepska

Прилепска Пиварница реагира на решението на Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата, со кое утврди дека во периодот од 13.11.2010 година наваму, склучувала договори за деловна соработка со овластените дистрибутери, во кои се содржеле обврски за неконкурирање со неограничено времетраење како и одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена односно му наметнувал на дистрибутерот по која цена тој ќе продава на своите крајни купувачи. Ова значи дека дистрибутерот не може самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава истите производи на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата.

За сторениот прекршок од член 59 став (1) точка 1), а во врска со член 7 став (1) точка 5) од Законот за заштита на конкуренцијата, на Прилепска Пиварница АД Прилеп, Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата и изрече глоба во износ од 2,7 милиони евра (166.778.900,00 денари).

Во продолжение, реакцијата на Прилепска Пиварница:

Изразуваме незадоволство и несогласување со одлуката на Комисијата за заштита на конкуренција дека некои одредби од договорите со нашите дистрибутери ги нарушуваат начелата на коректен и рамноправен однос кон пазарот и конкуренцијата.

Наспроти наводите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Прилепска Пиварница има развиено беспрекорно позитивен и взаемно корисен однос со своите овластени дистрибутери и притоа се испочитувани сите пазарни легислативи и обврски. Во ни еден момент од нашата долгогодишна соработка, и ни во еден аспект од нашата работа не е ограничена конкуренција, ниту пак е нарушен балансот на пазарната економија.

Во својата работа, овластените дистрибутери се наши рамноправни партнери и соработници со кои заедно постигнуваме значајни резултати и на домашните и на странските пазари.

Токму затоа, ваквите наводи и одлуки од Комисијата за заштита на конкуренција, директно штетат на нашата работа, на нашето заедничко настапување на пазарот и на имиџот како на Прилепска Пиварница така и на нашите овластени дистрибутери.