Фото: Pixabay
Одборот на директори на Електропривреда на Црна Гора (ЕПЦГ), Црногорскиот оператор на пазарот на електрична енергија (ЦОПЕЕ) и Црногорскиот електропреносен систем (ЦГЕС) донесоа одлука со којашто го одобруваат договор за основање и статутот на Берзата за електрична енергија, пишува РТЦГ.
Од тамошното Министерство за економија соопштуваат дека следен чекор е потпишување на договор за основање меѓу трите договорни страни, по што ќе започне процедура на регистрација на компанијата во Централниот регистар.
“Според одредбите од договорот за основање и статутот, компанијата Берза на електрична енергија се основа со цел обезбедување на неопходната правна, организациска, оперативна и техничка рамка за формирање и работа на берзата за електрична енергија, трговија со електрична енергија и посредување во трговијата со струја“, пренесува РТЦГ.
Создавањето на берзата за електрична енергија, како што се наведува, е чекор кон формирање на слободен пазар на големо на електрична енергија, што ќе обезбеди сигурна и транспарентна трговија и формирање на референтни големопродажни цени.