Империал Тобако инвестираше 1.860.000 евра во нова, современа производна линија во фабриката во Скопје. Високиот квалитет на линијата за т.н. Midi Slims или Queen Size пакувања ја зголемува конкурентноста на компанијата согласно светските трендови, стои во соопштението.
Линијата, како што се наведува, ги задоволува најновите европски стандарди, па паралелно со зголемувањето на производниот капацитет, се отвораат широки можности за раст на извозот на пазарите на Европската унија, но и надвор од неа. Во Македонија пак, со инвестицијата се зголемува потенцијалот за развој на деловната соработка на компанијата со сите субјекти во синџирот на тутунската индустрија, од производителите на тутун, до дистрибутерите и продажбата.
“Империал Тобако во 15-те години свое присуство во Македонија е докажан долгорочен партнер на македонската економија и на нејзиниот развој. За да се постигнат, пак, максимални резултати на тој развој, неопходни се долгорочна предвидливост на регулативата и фер, изедначен однос кон сите легални субјекти на пазарот“, рече Пиа Барборич Јурјашевич, претседателка на Управниот одбор на Империал Тобако за Адриатик регионот, додавајќи дека со најновата инвестиција, компанијата покажува дека економијата може да смета на неа и во иднина, во остварувањето на политиките за засилен развој.
Модерната производна линија е единствена од ваков вид во Македонија, а е само втора со исти перформанси во целата групација на Империал Тобако, на глобално ниво.
“Со инсталирање на новата линија токму во Скопје се покажува дека македонската фабрика има стратешка улога во Империал Тобако и дека долгорочно се планира и инвестира во нејзиниот развој. Но истовремено, тоа е потврда за знаењето, професионалноста и квалитетот на сите наши вработени. На тоа сме особено горди“, истакна Никола Коларовски, директор на фабриката.
Ова вложување доаѓа во годината кога Империал Тобако обележува 15 години од влезот во Македонија и со него вкупните инвестиции достигнуваат околу 35 милиони евра. Империал Тобако ТКС е најголемиот производител на пазарот, а досега извезува над 40% од вкупното производство, и тоа во Русија и на пет пазари во регионот (Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Албанија). Во 2016 година компанијата откупила околу 2 илјади тони квалитетен македонски тутун, додека во 2017 се планира зголемува на откупените количества за околу 9%.