Бонбончиња од Битола е Центар за ран детски развој и е прв приватен центар од ваков вид во Пелагонискиот регион. Сопственичката Јасмина Антиќ Атанасовски и нејзиниот тим (вопситувач, неговател и психолог) работат со деца од предучилишна возраст, а веќе почнуваат да работат и со дечиња со потешкотии во развојот.
“Центарот за ран детски развој како установа за згрижување на деца од предучилишна возраст во нашето законодавство влезе неодамна, односно само пред неколку години, по примерот на светските трендови. Фактот дека Бонбончиња е прв приватен центар од ваков вид во Пелагонискиот регион говори дека центрите за ран детски развој не се многу познати меѓу инвеститорите, па и на родителите на мали деца. Во Бонбончиња спроведуваме скратена програма за престој на деца, а работиме според стандардите за ран детски развој на Министерството за труд и социјална политика на РМ.
Во нашата работа има постојана динамика. Свесни дека напредокот кај детето не се случува преку ноќ, се водиме според нашата пропозиција која вели „Правиме мали нешта за големи промени“. Во Бонбончиња креираме шампиони, се грижиме, ги воспитуваме, негуваме и ги учиме на сите животни вредности идните лидери во нашето општество!
Исклучително ни е важна самостојноста на детето и свесноста за себе, своите капацитети, доблести и маани. Ваквото дете во иднина ќе биде самостоен човек кој ќе размислува со сопствена глава, што за денешното претприемничко општество е многу важно”, вели Антиќ Атанасовски.
Од неодамна во тимот имаат и дефектолог, кој ќе работи со дечиња со потешкотии во развојот.
“Во текот на изминатиот период до нашиот центар се обратија родители на дечиња со потешкотии во развојот. Наша задача е да им излеземе во пресрет на барањата на родителите кои ги користат услугите на Бонбончиња, па покрај клиничкиот психолог, од неодамна ангажиравме и дефектолог кој се приклучи во нашиот тим. Како дел од проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од ЦЕЕД Македонија, почнавме да користиме консултантски услуги и на наше огромно задоволство, ја повикавме Јасмина Трошанска, доктор по дефектолошки науки која има долгогодишно искуство во работа со деца со попреченост. Во текот на два месеци таа беше во постојана комуникација со нашиот тим, поминавме прекрасни шест дена со неа во нашиот центар каде директно работеше со тимот на Бонбончиња и ни посочи како во моменталните услови и капацитети на центарот можеме да ја спроведуваме посебната програма за работа со овие дечиња.
За време на нејзината посета во Битола таа оствари средби и со некои од родителите кои добија корисни совети и насоки во однос на нивното дете.
Заради трендот на инклузија на децата со попреченост во згрижувачките и образовните институции, сè повеќе родители се трудат да ги вклучат своите деца во овие установи. Фактот дека во ниту една градинка нема дефектолог, а и бројот на дефектолози ангажирани во основните училишта во Битола е премал за да одговори на сите потреби на овие родители и нивните деца ,говори дека општина Битола и регионот имаат сериозна потреба од место каде што адекватно ќе се посвети внимание на децата со потешкотии во развојот. Од тука, Бонбончиња сакаме да биде местото каде што родителите ќе можат да најдат соодветен третман за нивното дете.
Во зависност од видот и степенот на попреченост кај детето се изготвува ИОП (Индивидуална образовна програма) според која се работи понатаму. Мултидисциплинарниот пристап и постојаната комуникација и соработка со родителите овозможува да бележиме позитивни резултати во нашата работа”, вели Јасмина.
За Јасмина, голем предизвик било да ја пренесе својата визија за Бонбончиња кај вработените.
“Од првиот момент кога почнав да го работам ова, сакав Бонбончиња да биде синоним за решавање на сите потреби и ситуации што ги имаат родителите со мали деца од Битола и регионот. Полека, но сигурно можам да кажам дека мојата визија се остварува, а за тоа огромен придонес има мојот тим на кој сум особено горда!
Со родителите имаме непосредна и секојдневна комуникација. Имаме голема среќа што нашите родители се прекрасни и секогаш спремни за соработка. Една од нашите одлики како тим е тоа што сме секогаш искрени. Сакаме родителите да имаат реална слика за тоа како нивното дете го поминало денот.
Многу од родителите знаат да кажат „Дома со едно ми е тешко, а како вие со толку деца излегувате на крај“ 🙂 Оваа работа која што ја работиме исклучително професионално, за нас претставува огромно задоволство. Беше потребно време да се екипира тимот кој сега сериозно се грижи за беспрекорното функционирање на Бонбончиња.
Секогаш велам дека во врска со напредокот на секое дете мораме да работиме тимски, од една страна родителите, од друга, ние како тим на професионалци. Онаму каде родителите од старт ја прифаќаат соработката, бележиме брз напредок кај детето и успехот е заеднички.
Поддршката за родителите на дечиња со попреченост е исклучително важна. Ова се луѓе кои се оставени најчесто сами на себе да ја носат својата планина која е огромна. Луѓе кои се херои и ја заслужуваат сета почит и восхит од наша страна. Затоа и сакаме да придонесеме повеќе во квалитетот на нашата работа, па ја побаравме и ја пронајдовме најдобрата од оваа област во нашата држава, д-р Трошанска. Во многу наврати таа ни помогна на разјасниме некои ситуации и да изнајдеме адекватни одговори и решенија.”
Во план е Бонбончиња да се прошири во Пелагонискиот регион, односно во Прилеп. За оваа цел, остварена е соработка со Економскиот факултет од Прилеп, а студентите од овој факултет направија истражување на пазарот за потребата од ваков тип на установа во оваа општина. Истражувањата и препораките Бонбончиња ќе ги искористи во креирањето на натамошните текови на бизнисот, за што треба добра финансиска конструкција и планирање.
За себе лично, Јасмина вели дека сака да е среќна.
“Среќна ме прави моето семејство, моите мали херои Никола и Јована и мојот сопруг, на кој бескрајно сум му благодарна за разбирањето и поддршката за остварувањето на мојот сон и отсуствата од дома :). Уживам додека работам, а особено ме радува позитивната реакција на родителите кои нам ни ги довериле нивните деца. Ме радува и најмалиот напредок кај децата, тоа е потврда на сите наши заложби.
На крајот на денот, најмногу ме исполнува моментот кога наместо само за моите две, јас мислам на 30 деца и го планирам утрешниот ден”, вели Антиќ Атанасовски.