Минијатурни роботи за уништување на бактериите во вода

37

voda

Фото: ACS Applied Materials & Interfaces

Тим научници од Шпанија и Германија развија нова алатка (минијатурен робот) што ќе ги отстранува опасните бактерии од водата за пиење. Методот објавен во ACS Applied Materials & Interfaces користи минијатурни роботи  коишто може да се движат низ водата и да ги убиваат патогените бактерии како Ешерихија коли. Минијатурниот робот е сферичен и едната половина е покриена со магнезиум, а другата со злато и железо со наночестички од сребро.

Роботот е наречен Јанус, по римскиот бог со две лица, поради двете различни страни коишто се многу важни за функционирањето на минијатурната алатка, пишува Ifl Science.

Кога роботите се пуштаат во вода, магнезиумот реагира на течноста создавајќи меури од водороден гас и ги движи роботите напред. Како што се движат низ водата, бактериите се лепат за златото и брзо се апсорбираат од сребрените наночестички. Среброто ги уништува бактериите.

Научниците ги тестирале минијатурните роботи во лабораторијата и откриле дека магнезиумот може да ги движи низ водата од 15 до 20 минути. Откако магнезиумот ќе се потроши, роботите, бидејќи имаат железо, се вадат од водата со магнет.

Тестот покажал дека во вода со голема количина на Ешерихија коли, роботите уништиле повеќе од 80% од бактеријата.