Совети за безбедна храна во услови на високи температури

58

sendvic-pixabay

Фото: Pixabay

Труењето со храна е особено честа појава во летните месеци, бидејќи високите температури придонесуваат за полесно и побрзо развивање на микроорганизмите во храната. Од друга страна пак, луѓето во текот на летото повеќе консумираат ладна и сирова храна како што се: сладолед, салати, брза храна (сендвичи) и сл. Затоа, за да се спречи евентуалното труење со храна, Агенцијата за храна и ветеринарство советува за следните едноставни чекори до храна којашто е безбедна за консумирање.

Правилен избор, набавка и транспорт на продукти за исхрана:

– При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната;
– Да се купува храна од проверени места;
– Лесно расипливите продукти треба да се купуваат исклучиво од објекти каде што производите се чуваат уредно во разладни уреди;
– Да се избегнува храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната);
– Оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето;
– Храна од видот месо, млеко и јајца да не се чува долго време во автомобили и други транспортни средства;
– Да се одбегнува купување на оладена и смрзната лесно расиплива храна која стои надвор од ладилник или замрзнувач.

Хигиенска манипулација и чување на храната:

– Пред подготовка на храната добро да се измијат рацете;
-Оладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а топлата храна на температура повисока од 60 степени Целзиусови;
– Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода;
– Месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат;
– Доколку после подготвувањето на храната не се консумира веднаш, треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање;
– Често миење на рацете во текот на подготовката на храната;
– Храната да се заштити од инсекти и глодари кои може да ја контаминираат храната;
– Домашните миленичиња и други животни да не бидат во контакт со храната што се подготвува.

Купена веќе подготвена храна или консумирана храна во угостителски објект:

– Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома;
– Оладената и смрзната храна веднаш ставете ја во ладилник и замрзнувач;
– Одбегнувајте храна која остава впечаток дека е расипана или сменила боја;
– Проверете дали лицето кои послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна;
– Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник и тоа: мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично; објекти со висок ризик во летен период се објекти за брза храна и слаткарници;

Консумирање на безбеден сладолед:

– Да се купува сладолед од сигурни продажни места и да се внимава на разладниот уред каде се чува сладоледот;
– Пред консумирање да се провери изгледот, мирисот и вкусот на сладоледот;
– Доколку се купува сладолед,пакуван сладолед, да се внимава на рокот на употреба, односно да се прочита означувањето.