Фото: SPACE10
Истражувачи од SPACE10, лабораторија од Копенхаген, Данска креираа футуристичка купола од алги, којашто произведува храна и ослободува кислород во затворен систем. Градбата е висока четири метри, се напојува од сончева енергија и може да биде поставена било каде без да влијае на околината, пишува Inhabitat.
Куполата е дело на архитектите Александар Вадас, Рафал Вроблевски, Ана Штемпнивич и биоинженерот Кинан Пинто, а истата неодамна беше за прв пат претставена на саемот за уметност CHART во Копенхаген.
SPACE10 и претходно има работено на слични проекти, но овој пат тимот се концентрираше на одгледување на супер храна, односно микро алги. Од лабораторијата велат дека овие алги содржат два пати повеќе протеин отколку месото и се богат извор на витамини и минерали.
Микро алгите содржат повеќе бета каротен од морковите и повеќе железо од спанаќот. Освен тоа, тие растат премногу брзо и потребна им е само сончева енергија и вода. Успеваат било каде и притоа испуштаат кислород, а апсорбираат јаглерод диоксид.
За време на саемот кога куполата беше претставена посетителите беа повикани да седнат внатре и да уживаат во чистиот воздух и да пробаат од вкусниот чипс од спирулина, приготвен од готвачот во SPACE10, Сајмон Перез.