Фабриката за чевли Солид Шпк во Сува Река, во близина на Призрен, стана најновото претпријатие на кусата листа косовски претпријатија што извезуваат во ЕУ. Солид, кој има 150 вработени, ја извезе својата прва пратка чевли за купувачите во Италија на крајот од минатиот месец.
„Ова е голем чекор“, рече за SETimes Шефкет Куци, генерален директор на Солид.
Кучи ја спореди позицијата на Косово со онаа на другите регионални земји кои го унапредија своето присуство на пазарите на ЕУ и заклучи дека Косово има долг пат пред себе.
„Владата мора да ја промени фискалната политика за да го охрабри производството и да најде начин да ја искористи големата невработена работна сила“, рече тој.
Косовските претпријатија мора да обезбедат средства за производство на висококвалитетни производи и затоа Солид наскоро ќе отпочне со нова линија чевли произведени со најнова технологија, рече Кучи.
„Косовските бизниси треба да го подобрат квалитетот на производите за да го олеснат пробивањето на странските пазари“, рече за SETimes Нора Сиќеца, претставник за комуникации во американската Стопанска комора во Косово.
Обуката на работниците, професионализмот и обезбедувањето најнова технологија се клучните елементи за успехот, според експертите.
„Солид се фокусираше на подобрување во овие сегменти и успеа да влезе на странскиот пазар со производ Направено во Косово, кој се извезува во Италија, за престижно претпријатие како што Dei Colli & GEOX“, рече Куци.
Јехона Бериша работи во Солид 11 години и рече дека претпријатието е сериозно посветено на постигнувањето успех.
„Сите производи се со висок квалитет, без оглед дали се работи за суровините или за работата на производството на чевлите. Исто така, задоволна сум и од работните услови“, рече Бериша.
Производството е сериозно потребно за да се ублажат тешкотиите со кои се соочува косовската економија, вклучително и поправањето на огромниот трговски дефицит.
До јули Косово увезе стока во вредност од 235 милиони евра, а извезе стока во вредност од 25,5 милиони евра.
Скоро половина од извозот на земјата се метали и метални производи.
Фероникел и Трепча остануваат водечки извозници на Косово, при што првиот извезе 9.100 тони метали минатата година.
Новото Цо ИМК, претпријатие од Урошевац, јужно Косово, исто така извезува челични цевки целосно за странските пазари.
Неговиот менаџер, Арианит Влахиу, претходно минатиот месец рече дека оваа година претпријатието работи во две смени за да ја задоволи побарувачката и да го прошири производството за домашните пазари.
Италија е најголем увозник на косовските производи за извоз, со скоро 23%. Косово, исто така, извезува за Германија, Албанија, Македонија и Србија.
(Текстот во целост е преземен од Setimes)